ТРГНАТИ И ПОСЛЕДНИТЕ ЦЕВКИ ОД ЛЕШНИЦА НА ШАР ПЛАНИНА КАДЕ ТРЕБАШЕ ДА СЕ ГРАДАТ ДВЕ МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

    ТРГНАТИ И ПОСЛЕДНИТЕ ЦЕВКИ ОД ЛЕШНИЦА НА ШАР ПЛАНИНА КАДЕ ТРЕБАШЕ ДА СЕ ГРАДАТ ДВЕ МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИОд „Шар Планина“ велат дека сега, откако цевките се изнесени, следува обновата на просторот и конечното институционално затворање на проектите. (Фото: НП „Шар Планина“)

    Пред неколку недели, во месноста Лешничката Долина на Шар Планина започна демонтажа и изнесување на цевководната инфраструктура поврзана со изградбата на две мали хидроцентрали Пена 84 и Пена 85. Оваа акција е завршена, а од Националниот парк (НП) „Шар Планина“ известија дека од Лешница е однесена и последната водоводна цевка.

    „Денес можеме да кажеме – последната цевка е изнесена од Лешница. Она што особено нè радува е што активностите не завршија само со отстранување на цевките кои со години беа депонирани во долината. Беа откопани и веќе закопаните цевки и целосно изнесени од подрачјето. Денес на трасата нема преостаната цевководна инфраструктура ниту над, ниту под земја. Ова е значаен чекор кон враќање на Лешничката Долина во состојба што е можно поблиска до природната и резултат на подолг институционален процес и координација со надлежните државни институции“, соопшти „Шар Планина“.

    Месноста Лешница е едно од највредните и најпрепознатливите подрачја на Националниот парк и се наоѓа во строго заштитената зона на паркот. Како своевидна планинска убавина и природна реткост предвидено е таа да стане дел од идните Натура 2000 подрачја и Емералд мрежата. Токму затоа нејзината заштита е од исклучително значење. Од „Шар Планина“ велат дека сега, откако цевките се изнесени, следува обновата на просторот и конечното институционално затворање на проектите.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира