По повеќегодишна упорна борба на екоактивистите, конечно е започната демонтажата и изнесувањето на цевките од малите хидроцентрали Пена 84 и Пена 85 кои се градеа во долината на Лешница користејќи ги водите од реката Пена. Демонтажата на малите хидроцентрали започува на Светскиот ден на заштита на природата, што само се надоврзува на големиот успех и залагање на Националниот Парк „Шар Планина“, велат од институцијата..
„На денешниот Светски ден на заштитата на природата, во координација со надлежните државни институции, во тек е сложена операција за демонтажа и изнесување на цевководите од малите хидроцентрали Пена 84 и Пена 85 во долината на Лешница. Многу планинари, љубители на природата и посетители кои во изминатите три недели ја посетија Лешница беа сведоци дека на терен се работи. Денес, на овој симболичен ден, сакаме официјално да споделиме дека започна првиот чекор кон враќање на природата во нејзината првобитна состојба. Ова не е случаен настан. Ова е резултат на долг и посветен институционален процес, во кој ЈУ Национален парк „Шар Планина“ доследно ги застапуваше стручните, законските и природо заштитните аргументи пред сите надлежни институции, со јасна цел – заштита на долината на Лешница и зачувување на природните вредности на Шар Планина“, соопшти „Шар Планина“.
Планот за управување со Националниот парк „Шар Планина“ јасно утврдува дека изградба на нови хидроелектрани не е дозволена во ниту една зона на заштита, бидејќи тие претставуваат една од најзначајните закани за природните вредности и за речните екосистеми. Тука спаѓа и долината на Лешница кое е подрачје со исклучителни природни вредности, дел од идната Натура 2000 мрежа и Емералд подрачје, чија заштита претставува и национална и меѓународна обврска.
Покрај ова, Националниот парк побарал и враќање на реката Пена во нејзината природна состојба, што подразбира целосна демонтажа на поставените цевководи, нивно изнесување надвор од границите на Националниот парк, отстранување на бетонските конструкции и постепена обнова на природниот речен екосистем.
З. АНДОНОВ



