ТРИ ЧАСА ПОЖАРНИКАРИТЕ ГО ГАСЕА ПОЖАРОТ НА ДИВА ДЕПОНИЈА ВО ВЕЛЕС, ЧАД ОД ИЗГОРЕНА ПЛАСТИКА  ГО ПОКРИ СТАРИОТ ДЕЛ НА ГРАДОТ

    ТРИ ЧАСА ПОЖАРНИКАРИТЕ ГО ГАСЕА ПОЖАРОТ НА ДИВА ДЕПОНИЈА ВО ВЕЛЕС, ЧАД ОД ИЗГОРЕНА ПЛАСТИКА  ГО ПОКРИ СТАРИОТ ДЕЛ НА ГРАДОТОд црниот густ чад кој се ширеше во стариот дел на градот не се дишеше во тој дел на Велес. (Фото: СДК.МК)

    Доцна вчеравечер беше локализиран пожарот кај базенот за вода на ЈКП „Дервен“, кој се пламна вчера попладнето над Дервенски Поток. По тричасовна борба со огнот и густиот црн дим, кој беше голема опасност и по населението и по пожарникарите, пожарот е изгаснат.

    „Пријавата за пожар е примена во 17:50 часот. Територијалната противпожарна единица Велес излезе на лице место со едно противпожарно возило и тројца пожарникари-спасители. По пристигнувањето на лице место, поради сериозноста на пожарот, кој беше затекнат во развиена фаза, побарана е дополнителна помош од уште едно возило. По тричасовна борба со пламените јазици, пожарот е изгаснат и не е дозволено негово проширување“, соопшти велешката Пожарна.

    Црниот густ чад, кој се ширеше во стариот дел на градот, создаде проблеми во живеењето на граѓаните од тој дел на Велес.

    „Од чадот не се дишеше. Некој запалил дива депонија, гореше пластика. Дали гореа кабли за да го извадат бакарот и го препродаваат, кабли кои се крадат од јавни инсталации, но ова беше лошо по здравјето“, велат велешани.

    Иако мерната станица на Министерството за животна средина (МЖСПП) во Велес е лоцирана во новиот дел на градот, во населбата Тунел, загадувањето стаса и до таму. Во 21 часот измерени беа 77 мг/м³ ПМ10 честички во воздухот, а утрово во 6 часот часовната вредност се искачи на 160 мг/м³.

    Пластиката кога гори предизвикува сериозни последици по здравјето, таа е канцерогена. Се ослободуваат штетни гасови, јаглерод моноксид, диоксини, фурани и честички кои се трајни органски загадувачи. Чадот од пожарите со пластика содржи опасни материи кои се шират со ветерот и го загрозуваат населението на големи далечини. Предизвикува печење во очите, грлото и белите дробови.

    Пред 20-тина години имаше мерна станица за квалитетот на воздухот кај Бирото за вработување, која го покриваше стариот дел на градот. Но, таа беше затворена од МЖСПП, па велешани и екологистите често реагираат дека поради конфигурацијата на градот, измерените вредности во Нова Населба не се реални за стариот дел на Велес. Таму и повеќето станари користат дрва за греење во зимскиот период. Локалната власт побара од Министерството за животна средина да постават инструменти и на овој дел од градот, но беа одбиени.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира