Движењето „Анти коцкање“ со герила акција на Градскиот плоштад во Тетово уште еднаш побара од политичарите да не прават опструкции и што побрзо да го донесат Законот за игри на среќа. Велат дека коцкањето е тесно поврзано со таканаречените продавници на пари, каде што тие што се коцкаат се задолжуваат со брзи кредити и тоа често може да има фатален крај.
„Овој триаголник ја симболизира алармантната состојба во која се наоѓа нашето општество поради оваа деградација што ни се прави и кршењето на човечкото достоинство. Ова што го гледате не е едноставен триаголник и можеме да го наречеме ‘бермудски‘ триаголник, кој уништува сè што му се приближува. Тоа е триаголник кој функционира совршено и пркосно надминува секоја човечка логика. Во близина на секое казино има банка или ‘продавница за пари‘, познати како куќи за брзи кредити. По загубата на пари во казино, во близина е и аптека за да се снабдите со разни седативи. Но, во многу случаи, тоа има фатален крај и болни судбини“, изјави Џемаил Абдиу од „Анти коцкање“.
Од движењето упатија апел до амбасадорите од ЕУ и посебно до ВМРО-ДПМНЕ да придонесат овој закон побрзо да се донесе.
Движењето „Анти коцкање“ веќе седум години се бори казината, коцкарниците и спортските обложувалници да бидат дислоцирани најмалку 3.000 метри подалеку од образовните институции во градовите.
З. АНДОНОВ