Во Кочанската болница во тек е процесот на рехабилитација на дел од повредените млади пациенти, по пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март, во кој загина 62 лица, а 193 беа повредени. Ова е трета седмица како им се дава соодветна нега на триесетина пациенти кои се вратени дома.
„Даваме третмани на три категории пациенти, тоа се младите со нагмечувања со повреди на мускулите, со изгореници и со потешкотии при дишењето, сите настанати од пожарот во дискотеката. Тие се распоредени на Одделенијата за неврологија, на специјално подготвена сала со реквизити и на Оддел на хирургија. Со нив работат физиотерапевти и тројца доктори физијатри. Нивната здравствена состојба е стабилна“, рече Кристина Серафимова, директорка на Општата болница Кочани.
Таа додаде дека како во наредниот период ќе се враќаат пациентеи од лекување од странство или во домашните болници, тие ќе ги примаат за потребната рехабилитација.
Во болницата во Кочани во функција е ставена и хипербарната комора, која е добиена како донација со помош на иницијативата „Супорт Кочани“. Со терапијата во неа ќе се овозможи брза и успешна ревитализација на кожата со изгореници, како и интоксикација на организмот по вдишувањето на чадот во дискотеката.
„Хипербаричната кислородна терапија преку концентрираниот кислород под зголемен притисок, во хипербарната капсула, овозможува кислородот преку кожата да навлегува во ткивото, а од друга страна преку зголемениот притисок во кој се самите пациенти, овозможува чистиот кислород да навлегува поинтензивно во крвта и на тој начин комплетно да ја менува концентрацијата на кислород во телото. Еден час во хипербарична комора заменува 7-10 дена престој на планина на височина од 1.500 до 2.000 метри“, рече Серафимова.
Министерството за здравство соопшти дека денеска уште осум пациенти од повредените во трагедијата во Кочани се враќаат од лекување, од кои пет од Турција, двајца од Бугарија и еден од Словенија. На лекување во странство остануваат уште 18 пациенти. Согласно протоколот, пет пациенти ќе бидат под опсервација во ГОБ „8 Септември“, двајца на Клиника за пластична хирургија и еден пациент во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски“.
Во болницата, изминатата седмица Комерцијална банка АД Скопје донираше амбулантно возило и 450.000 евра, а Стопанска банка АД Скопје донираше 250.000 евра за настраданите од пожарот. Претходно, амбулантно возило донираа и „Аутомотив груп ДООЕЛ“и „Шпаркасе Банка“.
- ПРАТЕНИЦИТЕ НА ЛЕВИЦА И СДСМ ИЗЛЕГОА И СЕ СООЧИЈА СО РЕВОЛТИРАНИТЕ РОДИТЕЛИ НА ЗАГИНАТИТЕ МЛАДИ ЛУЃЕ ВО КОЧАНИ И МОЛЧЕА ПРЕД НИВНИОТ БЕС, ОД ВМРО-ДПМНЕ НЕ ДОЈДЕ НИКОЈ
- СИТЕ ШТО БИЛЕ НА ВЛАСТ ДОСЕГА СЕ ВИНОВНИ ЗА УБИСТВОТО НА НАШИТЕ ДЕЦА, КАЖАА РОДИТЕЛИТЕ НА НАСТРАДАНИТЕ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ОБВИНИТЕЛСТВОTO