Со хеликоптер и акција на пожарникарите во тешко пристпен терен денес повторно се гасне пожарот на Галичица од страната на Преспа. Градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски вели дека досега трипати го изгаснале, но повторно се враќа од албанска страна.
Гори во пределот на Националниот парк над селото Стење, но сепак е далеку од населеното место и засега нема опасност по населбата.
Вчера го изгаснавме, но немаме контрола над албанската страна, ни информација, ни контрола. Веќе третпат е изгаснато и ни се враќа од албанска страна. Денес се гасне со хеликоптер кој ги однесе и групите пожаникари горе зашто е тешко пристапен терен. За да се стигне дотаму потребно е 4,5 часа пешачење. Местото нема пристап со возило. Од Стење е далеку. Огнот не е ни приближно стигнат до шумата. Но, има можност, па сега интервенираме за да не слезе до шумата“, рече Тозиевски.
Засега гори нискостеблеста вегетација, односно смрека и сува трева.
За утре се планира поголема акција и од преспанска и од охридска страна, а се воспоставуваат контакти и со Албанија, за да се изгаснат сите жаришта.
Ж. ЗДРАВКОВСКА