Ловечки трофеи од различни животни и дивеч дозволени за отстрел, беа изложени во фоајето на Велешкиот театар. Изложбата беше дел од одбележувањето на 80 години од Ловечката федерација на Македонија.
Посетителите имаа можност да видат примероци од волци, лисици, елени лопатари, срндаци, диви мачки, мечка, верверици, јазовец, диви свињи, дивокози и муфлони. Станува збор за ловечки трофеи од животни уловени со дозвола за отстрел.
„Јавноста треба да ја потсетиме дека ние, ловџиите, сме тие кои им помагаме на животните да ја преживеат зимата, ги прехрануваме, а во лето им оставаме вода за пиење за да ја совладаат жедта на високите температури. Ловџиите не постојат 80 години, тие постојат уште од почетокот на човештвото, кога луѓето се прехранувале со ловење. На Второто заседание на АСНОМ во 1945 година е донесена првата уредба за ловство. Осум месеци подоцна, на 18 април 1946 година, е формирана Ловечката федерација, како Сојуз на ловечки друштва“, кажа претседателот на Федерацијата Влатко Алексовски.
Тој додаде дека со 25 илјади членови, Ловечката федерација е најбројното граѓанско здружение во земјава. Од годинава во Македонија постои и женско здружение на ловџијки.
„Официјално во здружението нè има 20-30 членки. Штом можат мажите, можеме и ние, па затоа го формиравме здружението. Нè поврзува љубовта кон природата, таму наоѓаме мир и тишина, имаме пушки како и сите ловци“, вели кумановката Тања Илиевска, претседателка на женското здружение.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски кажа дека се работи на решавање на статусот на дел од ловиштата во Македонија.
„Работиме на долгогодишниот проблем во ловството, на решавање на недефинираното управување со дел од ловиштата. Од вкупно 268 ловишта, во постапка за доделување остануваат уште 21. Со тоа ќе се заокружи системот и ќе се знае за секое ловиште кој го користи и кој е одговорен за неговото одржување. Со тоа ќе се заштити дивечот на тоа подрачје од нелегален улов“, рече Серафимовски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека се направени промени во законската регулатива со кои, како што рече, им се олеснило на ловџиите.
„Констатиравме дека пет илјади граѓани ги исполнувале условите за дозвола за лов, а дозвола не добиле, но затоа добиле лица кои не смееле да имаат оружје во рака. Ја укинавме обврската за претходно одобрение за купување муниција, па сега ловецот оди во продавница и купува како во секоја европска држава. Купопродажбата се следи преку Централниот електронски систем. Со новиот Закон за оружје е воведено проширено корисничко право, со што татко и син или двајца браќа полесно можат да го користат истото оружје. Се продолжи и рокот за наследување на оружјето, оти по смртта на близок, последното нешто на кое мисли семејството е оружјето и неговото наследување“, рече Тошковски.
П. ПЕЧКОВ



