ТРОЈЦА ВООРУЖЕНИ УКРАЛЕ ПОЛА ТОН МАРИХУАНА ОД ФАБРИКА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС ВО ЧЕГРАНЕ, ГОСТИВАРСКО

    ТРОЈЦА ВООРУЖЕНИ УКРАЛЕ ПОЛА ТОН МАРИХУАНА ОД ФАБРИКА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС ВО ЧЕГРАНЕ, ГОСТИВАРСКОТројцата разбојници, под закана со оружје, го совладале вработениот на обезбедувањето во фабриката и го затвориле во просторија, по што успеале да ја изнесат марихуаната. (Фото: Архивска фотографија)

    Тројца разбојници вчера украле пола тон марихуана од фабрика за производство на марихуана за медицински цели во Гостивар. Тројцата разбојници, под закана со оружје, го совладале вработениот на обезбедувањето во фабриката и го затвориле во просторија, по што успеале да ја изнесат марихуаната.

    „На 26.11.2023 околу 23.00 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека во фабрика за марихуана за медицински цели во атар на с. Чегране, Гостиварско, три лица физички нападнале вработен како обезбедување и му одзеле пари и лични предмети, по што со закана со пиштол го затвориле во една просторија. Според пријавеното, откако си заминале, тој излегол и забележал дека капијата од фабриката била отворена и дека две врати од внатрешниот дел биле искршени. Во консултација и координација со јавен обвинител, увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар и било утврдено дека од внатрешноста на објектот лицата одзеле 41 вреќа со вкупно 552,85 килограми марихуана. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

    Во оваа фабрика за производство на марихуана за медицински цели во почетокот на октомври оваа година била извршена вонредна контрола по судска наредба. Притоа биле констатирани повеќе неправилности во работењето, поради што била поднесена и кривична пријава против сопственикот на фабриката и била покрената постапка за одземање на лиценцата.

    „На 04.10.2023 од страна на ОКП, по извршена вонредна контрола и претрес со судска наредба, а во координација со Комисијата оценување исполнетост на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, биле констатирани неправилности во работењето на фабриката. Одземените насади канабис биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот, по што била поднесена кривична пријава против правното и одговорното лице согласно Законот за контрола на опојни дроги и покрената постапка за одземање на лиценцата“, се вели во соопштението на СВР Тетово.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира