ТРОТОАРИТЕ ВО ЦЕНТАР ЌЕ СЕ ОСЛОБОДАТ ОД ВОЗИЛА ЗА 1,5 ГОДИНА

    ТРОТОАРИТЕ ВО ЦЕНТАР ЌЕ СЕ ОСЛОБОДАТ ОД ВОЗИЛА ЗА 1,5 ГОДИНАВо наредните 18 месеци тимови од Општина Центар и Град Скопје ќе изготвуваат решенија и акционен план за ослободување на тротоарите од коли.(ФОТО: СДК.МК)

    За година и половина тротоaрите во Општина Центар ќе се ослободат од возила. Советот на Општина Центар денеска ја усвои предлог-препораката на градоначалникот Саша Богдановиќ да се измени режимот на паркирање и сообраќај во делови од Ценатр, со цел да се ослободат тротоарите од возила и да можат пешаците и велосипедистите да се движат по нив, наместо по улица.

    Низ улиците во Дебар Маало сега тротоарите наместо за пешаци се претворени во легален паркинг. На нив се обележани паркинг места и со нив стопанисуваат јавните претпријатие за паркирање на Општина Центар и Град Скопје, ЈП „Паркинзи Општина Центар“ и ЈП “Градски паркинг“. Граѓаните, велосипедистите и родителите со колички со деца одат низ улиците, каде од сите страни се движат коли.

    Во наредните 18 месеци тимови од Општина Центар и Град Скопје ќе изготвуваат решенија и акционен план за решавање на овој проблем.

    „Не можеме наеднаш да ги тргнеме колите од тротоарите, потребно е да се направат соодветни решенија и со тоа ќе ја вратиме безбедноста на пешаците. Со изработката на акциониот план комплетно ќе се реши паркирањето на јавни површини, со обновување на тротоарите, изведба на велосипедски патеки и сигнализација, со што ќе се добие достоинствен јавен простор, како што заслужуваат жителите на Општина Центар“, рече градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Оваа точка беше предложена и на минатата седница на Советот на Општина Центар, но не беше ставена на дневен ред бидејќи советниците сметаа дека треба да се доработи.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари