Спомен-бистите во Штип кои со години се сквернавени никако да се реставрираат, иако од сите досегашни локални власти имаше ветување дека ќе обноват.
Но, до денес тоа не се случи па така и последното чествување на првоборците Васил Доганџиски и Јаким Стојков чии бисти се наоѓаат во центарот на Штип, се положија цвеќиња на оштетени и необновени споменици.
Најспецифична е ситуацијата со спомен бистата на првоборецот Васил Доганџиски која веќе осма година е обезглавена. Во 2017, бистата на Доганџиски за последен пат беше драстично сквернавена , а бистата на Јаким Стојков беше целата ишарана со бои. И двајцата биле убиени во НОБ во 1942 при формирањето на Првиот партизански одред на планината Плачковица од страна на тогашниот бугарски фашистички окупатор.
Претседателот на Сојузот на борците во Штип, Петар Мицевски вели дека на секоја општинска власт ѝ доставувал комплетна анализа за состојбата на спомениците и спомен обележјата во Штип кои често се оштетуваат. Тој од сите добивал ветувања дека проблемите ќе се решљт.
Според Мицевски, во изминатите години имало голем број оштетувања и целосно сквернавење на повеќе споменици и спомен обележја. Така, за време на корона кризата кога беше воведен и полициски час беа ишарани сите споменици на Меморијалнииот комплекс од Револуцијата на тврдината Исар. Имаше оштетување на спомен-бистата на првоборецот Ѓошо Сламката во населбата Три Чешми. Во тоа време наеднаш исчезна и спомен-бистата кај стариот Здравствен дом на Милојко Пантелиќ кој загинал во НОБ, а кај новиот Здравствен дом во Штип била оштетена спомен-бистата на првоборецот Боро Арсов.
Оштетување имаше и спомен плочата кај родната куќа на поетот Ацо Шопов која беше сосема искршена. По интервенцијата на тогашната локална власт, веднаш се направи нова спомен-плоча. Оштетување имаше и на спомен-обележјето на загинатите македонски бранители поставен во месноста Кртеке кое исто така брзо е санирано.
За сите овие оштетувања се поднесени пријави до СВР Штип и до сите други надлежни органи, но до денес не е пронајден ниту еден од сторителите.
Мицевски вели дека пред неколку години Општина Штип склучила спогодба со Сојузот на борците само да ги одбележува значајните датуми и личности од НОБ, а општината да ги одржува спомениците и сите останати спомен обележја. Досегашните градоначалници само акутно ги решавале актуелните проблеми со оштетените споменици, но досега никој немал комплетна програма и план да се изврши целосна санација на спомениците и спомен обележјата и нивна поголема заштита и контрола на одржување.
За овој децениски проблем сегашниот градоначалникот на Штип, Иван Јорданов вели дека Општина Штип предвидела средства за одбележувањето значајни датуми и личности од историјата, но буџетот не предвидел посебни средства за обнова и реставрација на оштетени и сквернавени споменици.
„Но, и тој проблем може да се надмине и секое посебно прашање, за секој оштетен споменик во од може да се решава и да се изврши било каква санација. Така и сега, иако немаме предвидено средства за посебна реставрација на спомениците ќе изнајдеме начин за некои итни поправки и обнови на спомениците со помош на јавните комунални претпријатија и секако со мали корекции на некои непотребни ставки во буџетот да бидат наменети токму за спомениците. Очигледно ќе ни треба и посебна финансиска програма за реставрацијата на оштетените споменици да се вклучат и валидни државни институции и поединци кои работат во оваа област и тоа ќе го направиме“, вели Јорданов.
Т. ЈОВАНОВСКИ