ЦЕЛА НЕДЕЛА ОПШТИНА ТЕТОВО НЕ ГИ ДЕЗИНФИЦИРА УЛИЦИТЕ ОД ФЕКАЛИИ ИЗЛЕАНИ ВО ПОПЛАВАТА

    ЦЕЛА НЕДЕЛА ОПШТИНА ТЕТОВО НЕ ГИ ДЕЗИНФИЦИРА УЛИЦИТЕ ОД ФЕКАЛИИ ИЗЛЕАНИ ВО ПОПЛАВАТАНа улиците има купишта песок кои жителите самите ги ваделе од нивните поплавени куќи, а уште чекаат да дојде механизација и да ги однесе. (Фото: СДК.МК)

    Се навршува веќе една недела од големото невреме кое го зафати Тетово и кога од поројниот дожд беа поплавени повеќе куќи и објекти во градот. Сопствениците кои претрпеа штети од невремето се жалат дека Општината сé уште ништо не презела за санирање на штетата. На улиците во горниот дел од градот и во реонот кај касарната можат да се видат купишта песок кои жителите на овие населби самите ги ваделе од нивните поплавени куќи, а сега чекаат да дојде механизација и да ги однесе.

    Сепак, најмногу ги загрижува што при поплавата дојаде до избивање на канализационите шахти и излевање на фекалиите по улиците, а нив и после шест дена од поплавата никој не ги исчистил и дезинфицирал.

    „Улицава и сокаците надолу беа полни со вода. Ова се случува зошто не е добро изградена канализацијата. Есеноска ја правеа ама вода и фекалии излегува при секој поголем дожд. После поплавата сами го собиравме ѓубрето и песокот кој ги донесе водата. Кој ќе дојде да ни очисти? Комшикава пријави во Општина да дојдат и да исчистат, да ги измијат улициве и да направат дезинфекција ама уште никој не е дојден. Еве сега ние самите се организираме, собираме по 50 денари и ќе платиме камион да дојде и да ги собере купиштава песок кои се по улицава“, вели Коца Наумовска од населбата Певчина, во горниот дел од градот каде невремето направи големи штети.

    Ништо подобра не е состојбата и во реонот на тетовската касарна која со децении го има овој проблем. Овде куќите при секој малку пообемен дожд редовно се поплавуваат, а така беше и овојпат.

    „Оваа мака ја имаме веќе 20 години. При секој пороен дожд ова ни се случува. Откако го направија ѕидот покрај касарната, го затрупаа каналот, па цевките од канализацијата не можат да ја соберат надојдената вода и таа се излева и редовно имаме поплава. Никој не се грижи за канализацијата, шахтите се запушени и фекалната и атмосферската канализација се мешаат, сé се излева на улица и ни влегува во подрумите и куќите. Но, исто така страшно е и после, кога ќе се повлече водата и кога ќе се исуши, тогаш не се дише од неподнослива миризба од излеаната канализација“, се жали Златко Зафировски кој живее во маалото спроти тетовската касарна.

    Завчера, Кризниот штаб на Општина Тетово одржа седница на која донесе неколку одлуки и заклучоци за справување со последиците од поплавата и пожарот во Тетово.

    „Има над 130 пријавени случаи на причинети штети од кои 97 се однесуваат на поплавени куќи и подруми, а другите за оштетена јавна инфраструктура и земјоделски парцели. Бидејќе уште немаме одговор дали ќе има владина комисија за штети, ние не можеме да чекаме и од понеделник општинска комисија ќе излезе за да ги утврди штетите. Што се однесува до чистењето и дезинфекцијата на улиците, информираме дека во рамките на Општината тоа ќе го направиме со свои капацитети. Чекавме, но немаме одговор од Владата во кој дел тие ќе се вклучат. ЈКП и Противпожарната единица поинтензивно ќе го продолжат процесот на чистење и дезинфекција на улиците“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    Освен во куќите, поплавата од минатата недела предизвикала и значителни оштетувања и на патната инфраструктура. Од надојдените води најмногу биле оштетени улицата 146 и патот од Шипковица кон Бродец.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира