Новото раководство на Центарот за култура во Штип го утврди репертоарот за фавруари, кој содржи десет театарски претстави, од кои две на театри од други градови. Директорот Филип Стевановски вели дека за реализацијата на богатата театарска и друга програма билетарницата во Домот на културата ќе работи секој ден од 9 до 19 часот, а во деновите кога ќе има претстави ќе работи од 17 до 20 часот.
Од богатата програма за 2025, тој како посебна активност го издвојува одбележувањето на 100-годишнината од првата опера во Македонија „Палјачи“, во режија на Сергеј Михајлов, која била изведена во Штип точно пред еден век. Во одбележувањето на овој јубилеј ќе учествуваат и други институции од градот и државата.
„Февруарската понуда на театарски претстави, кои ќе се изведуваат од 20 часот, ќе стартува денеска со претставата ‘Лекција‘ во режија на Ѓорѓи Ризески, а ќе продолжи на 6 февруари со претставата ‘Женидба‘ во режија на Љупчо Ѓоргиевски. За 11 февруари е предвидена претставата ‘Јас, на некое друго место‘ во режија на Јован Ристовски, а за 13 февруари ‘Пијани‘ во режија на Дејан Пројковски. Истата претстава ќе се изведе и на 19 февруари, а ден пред тоа е ‘Сите прекрасни нешта‘ во режија на Нела Витошевиќ, која ќе има реприза на 27 февруари. На 20 февруари е претставата ‘Како што сакате‘ во изведба на театарот од Куманово, а на 26 февруари е „Избувливиот човек“ во изведба на театарот ‘Бели мугри‘ од Кочани. Последната претстава е ‘Стан 54‘, чиј автор е Никола Кузелов, која ќе се игра на 28 февруари“, вели Стевановски.
Т. ЈОВАНОВСКИ