Жителите на четири велешки села денес добија пакети со храна, оти поради штрајкот на железничарите не можат да се снабдат со потребните продукти. Пакетите ги поделија волонтери од Општинската организација на Црвен крст Велес. Поделени се 25 пакети со храна за жителите во С`лп, Белештевица, Карабуниште и Лавчани.
„Овие жители повеќе денови се целосно отсечени поради штрајкот на вработените во Македонски железници, бидејќи патничкиот воз кој запира на железничката станица Рајко Жинзифов е единствениот превоз до градот. Патот кој води до селата е во лоша состојба и може да се помине само со теренско возило. Жителите од овие села се речиси сите возрасни лица и пензионери“, кажа Орце Николов, секретар на Црвен Крст Велес.
Штрајкот на железничарите, поради неисплатен втор дел на плата за јули, започна на 25 август. Иста активност Црвениот крст имаше и во април, кога исто така поради штрајк за жителите на овие села беше дистрибуирана храна. Во реализација на оваа активност помогнала локалната власт и Територијалната противпожарна единицата од Велес.
П. ПЕЧКОВ