Поништен е тендер за избор на фирма која ќе ги проектира тунелите под Кале. На јавниот повик кој лани во октомври го распиша Град Скопје понуди доставиле три фирми, две странски и една домашна, но поради недостатоци од формален карактер постапката морала да се поништи.
„Комисијата за јавни набавки ги отвори трите понуди и беше констатирано дека имаат недостаток од формален карактер кои согласно законските прописи не дозволуваат продолжување на постапката. Рокот за жалби истекува во петок и ако не пристигне ниту една наредната недела ќе објавиме нов тендер“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Шилегов вели дека сите учесниците на тендерот ги задоволуваа критериумите и имаат листа на веќе изведени ваков тип на проекти на повеќе места во светот.
„Очекувам дека до крајот на годината да имаме избрано добар проект“, додава Шилегов.
Градоначалникот Шилегов лани на прес-конференција го најави почетокот на реализацијата на проектот тунели под Кале и нов мост преку реката Вардар, за поврзување на северната страна со центарот на градот. Тогаш Шилегов рече дека проектот ќе биде готов до септември 2019 година, по што ќе се бара изведувач.
Како што беше презентирано, сообраќајницата ќе почнува од булеварот Свети Климент Охридски и ќе биде издигната на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата на РМ сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри, над Пластичарска улица. Според проценките на Градот изградбата на сообраќајницата и тунелите под Кале ќе чини околу 25 милиони евра.
А. АНТЕВСКА