ТУРЦИЈА Ѝ ДОНИРАШЕ 250 САДНИЦИ НА ОПШТИНА ЖЕЛИНО ВО РАМКИТЕ НА АКЦИЈАТА „ДЕН ЗА ПОШУМУВАЊЕ“

    ТУРЦИЈА Ѝ ДОНИРАШЕ 250 САДНИЦИ НА ОПШТИНА ЖЕЛИНО ВО РАМКИТЕ НА АКЦИЈАТА „ДЕН ЗА ПОШУМУВАЊЕ“Садниците денеска беа засадени покрај Вардар во тетовско Желино (Фото: СДК.МК)

    На иницијатива на амбасадата на Турција во Македонија, во тетовско Желино се одржа акција на пошумување, во која покрај Вардар се посадија 250 садници. Акцијата е дел од проектот „Здив за иднината-ден за пошумување“, кој се спроведува во Турција и таа го иницира во повеќе земји од Балканот, Африка и Азија.

    „Под покровителство на претседателот на Турција, акцијата истовремено се реализира и во пријателска Северна Македонија. Благодарение на оваа иницијатива, минатата година во Турција беа засадени 13,5 милиони садници. Овој проект во 2020 го реализираме и во низа други држави. Верувам дека преку садниците, засадени кај мост кој е од отоманскиот период и кој ги спојува двете страни на Вардар, ќе придонесеме за секој здив кој го дишеме. Секоја садница нѐ потсетува дека иднината е возможна со чување на околината“, изјави амбасадорот на Република Турција, Хасан Мехмет Секизќок.

    Во акцијата учествуваа и министерот за земјоделство Арјанит Хоџа и градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу.

    „Давам личен придонес во денешната акција со засадување садници. Просторот кој се пошумува ќе биде доуреден од страна на општината и ќе биде место за рекреација“, рече министерот Хоџа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира