ТВРДЕЊАТА НА ОХРИЃАНЕЦОТ ЏЕПАРОСКИ ДЕКА СЕ ПОВРЕДИЛ ПРИ ПАД ВО ШАХТА НЕ СЕ ВИСТИНИТИ И ТОА СЕ ГЛЕДА ОД НЕГОВИТЕ СЛИКИ ОД ШАХТАТА, ВЕЛИ СУДИЈАТА СТРЕЗОСКИ

    ТВРДЕЊАТА НА ОХРИЃАНЕЦОТ ЏЕПАРОСКИ ДЕКА СЕ ПОВРЕДИЛ ПРИ ПАД ВО ШАХТА НЕ СЕ ВИСТИНИТИ И ТОА СЕ ГЛЕДА ОД НЕГОВИТЕ СЛИКИ ОД ШАХТАТА, ВЕЛИ СУДИЈАТА СТРЕЗОСКИВо однос на пресудата Џепароски да плати 200.000 денари на име судски трошоци, Стрезоски вели тоа е согласно законот, односно тој што го губи спорот ги сноси и судските трошоци. - Основниот суд Охрид (Фото: СДК.МК)

    Невистинити се тврдењата на охриѓанецот Илија Џепароски кој вчера кажа дека паднал во отворена шахта и се здобил со повреди, а судот пресудил дека е виновен оти не гледал каде оди, според судијата од Основниот суд Охрид, Богоја Стрезоски. Тој вели дека тужителот се обидува во јавноста да пренесе искривена и лажна слика во која го компромитира судот и судиите.

    Стрезоски во телефонска изјава кажа дека во текот на судската доказна постапка не се утврдило дека повредите на Џепароски настанале од пад во шахта. Самите фотографии од шахтата, кои ги доставил тужителот до судот, покажале дека таа не била отворена и длабока за да при пад да настанат такви повреди.

    Џепароски вчера обвини дека паднал во отворена шахта, а наместо отштета од ЈП „Нискоградба“ треба да плати 200.000 денари за судски трошоци.

    Одлуката, вели Стрезоски, е донесена во законита постапка која е потврдена и од Апелациониот суд во Битола.

    „Таквите наводи на Џепароски се комплетно неосновани, бидејќи судот изведе опширна доказна постапка и во таа постапка не се утврдија неговите наводи дека настанала повреда од пад во шахта. Значи за судот беше неспорно дека тој е повреден, но не од пад во шахта. Самиот тужител во доказната постапка достави фотографија од која може да се види дека шахтата била тампонирана и никако не можело да се случи тој да има пад во шахта“, потенцира судијата Богоја Стрезоски.

    Во однос на пресудата Џепароски да плати 200.000 денари на име судски трошоци, Стрезоски вели тоа е согласно законот, односно тој што го губи спорот ги сноси и судските трошоци.

    „Секоја постапка има ризик од неуспех, доколку не се успее во постапката однапред се знае дека странката која го губи спорот треба да ги плати трошоците. Јас жалам што тој треба да плати трошоци, меѓутоа тоа не е волја на судијата туку тоа е така согласно законите. Тој што ја губи парницата е должен да ги плати трошоците на странката која успеала во спорот. Приказната можеби беше интересна за читателите, меѓутоа не е вистинита“, рече Стрезоски.

    Од ЈП „Нискоградба“ велат дека изјавите на Џепароски се паушални и невистинити. Тој од Јавното претпријатие барал 3 милиони денари отштета, но судот врз докази утврди дека неговите повреди не настанале од пад во шахта.

    „Од изведените докази судовите утврдиле дека не постои причинско-последична, односно каузална врска помеѓу повредите на тужителот Џепароски и делувањето, односно пропуштање на било кое дејствие кое ЈП „Нискоградба“ било должно да го преземе, изврши. Или со зборови од одлуката: „тужителот не достави докази со кои со сигурност би докажал дека предметната штета настанала од пропаѓање, односно сопнување и не достави докази дека за штетата постои вина кај тужениот“. Изнесените тврдења на Џепароски се паушални, не се поткрепени со докази, што се утврди во наведените судски постапки, погоре цитирани“, велат од Нискоградба.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира