УАПСЕН БИТОЛЧАНЕЦОТ КОЈ ИЗБЕГА НИЗ ПРОЗОРЕЦ ОД СВР БИТОЛА

    УАПСЕН БИТОЛЧАНЕЦОТ КОЈ ИЗБЕГА НИЗ ПРОЗОРЕЦ ОД СВР БИТОЛА24-годишникот денеска беше лишен од слобода пред полициската станица во Битола, каде што по пет дена бегство се појави со својот бранител со намера да се пријави. (архивска фотографија)

    Битолската полиција го уапси 24-годишниот К. У., пријавен за физичко и психичко насилство врз 21-годишната партнерка, кој на 11 ноември избега низ прозорец од СВР Битола.

    Тој денеска беше лишен од слобода пред полициската станица во Битола, каде што по пет дена бегство се појави со својот бранител со намера да се пријави.

    Против него на 11 ноември беше поднесена кривична пријава за телесна повреда и загрозување на сигурноста при семејно насилство.

    Според пријавата што 21-годишната битолчанка ја поднела во полиција на 10 ноември во 23:10 часот, тој истиот ден околу 17 часот физички ја нападнал, ја давел и ја удирал, по што таа побарала лекарска помош. Во нејзиниот исказ навела дека партнерот околу година и пол физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани по живот.

    По пријавата, К. У. дошол во СВР Битола во придружба на родител. Но кога му било соопштено дека ќе биде задржан, скокнал низ прозорецот и избегал од полициската станица. Одделот за внатрешна контрола при МВР ги испитува околностите под кои се случило бегството, како и евентуалната одговорност на полициските службеници.

    Девојката е сместена во шелтер-центар. Случајот предизвика големо внимание во јавноста откако нејзината мајка јавно проговори за настанот, изразувајќи страв за безбедноста на ќерка си и барајќи итна реакција од надлежните институции.

    „Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот“, беше наведено во полицискиот билтен од 11 ноември.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира