Уапсени се две лица од скопје под сомнение дека на 5 јули го предизвикале пожарот на Јужен булевар во Скопје во близина на Рампа, на километар до центарот на градот. Во пожарот беше повреден еден пожарникар од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи лишени од слобода се С. А. (34) и И. Х. (39), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Предизвикување општа опасност, во напуштен објект на булевар Македонија, при што еден пожарникар добил повреди, а две противпожарни возила биле оштетени. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот по што ќе следува соодветен поднесок, велат од МВР.
- ПОВРЕДЕН ПОЖАРНИКАР ВО ПОЖАРОТ ВО ОБЈЕКТ НА ЈУЖЕН БУЛЕВАР ВО КИСЕЛА ВОДА БЛИЗУ ДО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ
Во септември 2022, неколку бараки беа зафатени од пожар во близина на Рампа на помалку од сто метри од објектот што гореше, а е на територијата на Општина Центар. На новинарското прашање дали можеби пожарот е намерно подметнат за да може на местото на бараките да се гради зграда, градоначалникот Горан Герасимовски тогаш рече дека од такво нешто нема потреба, бидејќи има важечки Детален урбанистички план (ДУП).
Неколку месеци подоцна, на местото на изгорените бараки почна да се гради зграда.



