Учениците во основните училишта во општина Аеродром оброк ќе добијат в среда. Второто полугодие учениците кои посетуваат целодневна настана го почнаа без да добиваат оброци, појадок и ручек, бидејќи Општината доцнeше со тендерот за избор на фирма која ќе ги снабдува училиштата со храна.
Градоначалникот Златко Марин денеска изјави дека избрана е фирмата која ќе го подготвува и дистрибуира оброкот за учениците од прво до петто одделение и родителите се веќе известени.
„Добиено е известување од Управата за јавни приходи дека од оваа година данокот кој се пресметува на оваа ставка ќе изнесува 18 отсто, за разлика од минатата година, кога тој беше 5 отсто. Тоа ќе доведе до зголемување на цената која треба да се плати по ученик, но за да им излеземе во пресрет на родителите, донесов одлука разликата во цената да се субвенционира од општинскиот буџет за 2020 година. Тоа значи дека и оваа година родителите ќе плаќаат иста сума како и минатата година, односно 1 500 денари месечно“, вели градоначалникот Марин.
Ова не е првпат Општина Аеродром да има проблеми со спроведување на тендерите. Лани во септември децата, [школската година ја започнаа без униформи, бидејќи тендерот пропадна. Тие добија училишни униформи дури во ноември.
А. АНТЕВСКА