УЧЕНИЦИТЕ ОД ВРАТНИЦА ДОБИЈА 22 МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ ОД ИСЕЛЕНИЦИТЕ ОД САД

    УЧЕНИЦИТЕ ОД ВРАТНИЦА ДОБИЈА 22 МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ ОД ИСЕЛЕНИЦИТЕ ОД САДИнструментите се собрани од разни организации и приватни лица од Детроит. (Фото: СДК.МК)

    Основното училиште „Симче Настовски“ од Вратница доби вредна пратка од 22 музички инструменти: шест виолини, четири труби, пет кларинети, два саксофона, четири флејти и еден барабан. Тие се донација од иселениците од Вратница кои живеат во САД.

    „Со оваа донација учениците добија можност да се запознаат со овие инструменти кои ги немавме во училиштето, да ја збогатат својата музичка култура, а сега се создадени услови и на лето да организираме музички камп. Покрај ова, размислуваме да предложиме до ресорното министерство во Вратница да се отвори истурена паралелка од Државното музичко училиште во Тетово“, вели Дијана Петровска, директорка на ОУ „Симче Настовски“.

    Вратница е најпечалбарското село во Полошкиот Регион. Првите печалбари оттука заминале за Америка уште на самиот почеток на 20. век и нивниот број сега изнесува неколку илјади. Идејата повторно да му се помогне на родниот крај веднаш била прифатена, а за нејзината реализација најмногу се ангажирал Душан Синадиновски.

    „Околу овој проект во Детроит се ангажирав заедно со нашите иселеници и познати бизнисмени Борче Силјановски и Коце Михајловиќ, двајцата родени во Вратница. Инструментите ги собиравме од разни организации и приватни лица. Собравме 22 инструменти, чија парична вредност е околу 12.000 долари. Го подмиривме и патниот трошок, кој изнесуваше околу 600 долари. Повеќето од овие трошкови ги подмирија Силјановски и Михајловиќ“, вели Синадиновски.

    Тој мигрирал во САД во 1969 година, каде завршил факултет за политички науки и магистрирал политичка и етичка филозофија. Еден е од авторите на „Вратничка енциклопедија“.

    „Оваа иницијатива ја поддржа и градоначалникот на Општина Јегуновце, Дарко Блажевски, а спремност за помош изрази и претставникот на фондацијата ‘Михајло Пупин‘, проф. Љубиша Цветковиќ. Јас сум секогаш подготвен да помогнам вакви иницијативи“, напиша Душан Синадиновски од САД.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира