УЧЕСНИЦИТЕ НА ВАРДАРСКАТА РЕГАТА ДОПЛОВИЈА ДО СОЛУН, А НИЗ ГРЦИЈА ЈА МИНАЛЕ РЕКАТА ВАРДАР КАКО ЧИСТА И ЕКОЛОШКИ ЗАШТИТЕНА

    УЧЕСНИЦИТЕ НА ВАРДАРСКАТА РЕГАТА ДОПЛОВИЈА ДО СОЛУН, А НИЗ ГРЦИЈА ЈА МИНАЛЕ РЕКАТА ВАРДАР КАКО ЧИСТА И ЕКОЛОШКИ ЗАШТИТЕНАТаму не сретнавме ниту пластично чише, ниту отпад како што сега носи Вардар по дождовите, реката низ Грција е максимално еколошки заштитена, велат учесниците на првата регата што пловеше до Солун. (Фото: Вардарска регата)

    Учесниците на Вардарската регата годинава првпат по реката Вардар пловеја до Солун во тек шест дена. Велат дека впечатоците се како да пловеле по две различни реки, една низ Македонија, другата низ Грција. Тие тргнаа на 20 јуни, а завршија во Солун на 24 јуни. Од 388 км, годинава за првпат пловеа 280 од кои 80 се во грчкиот дел на Вардар.

    „Тргнавме девет пловила, стасавме до целта пет, или 24 лица, останатите немаа важечки пасоши. Пловевме, веславме по високи температури и по 50 степени на сонце и жега, требаше да се весла, благодарност за хидроцентралите кои ни беа ветер во грб и овозможија добар водостој на Вардар. Границата ја минавме со аавтобус и веднаш потоа пак продолживме со чамците до Солун. Тоа што за нас беше несфалтиво и што не можевме да веруваме, е реката Вардар. Една беше низ Македонија, друга низ Грција. По Евозни, ние сретнавме река Вардар која е непозната за нас. Таму не сретнавме ниту пластично чише, ниту отпад како што сега носи реката по дождовите. Реката низ Грција е максимално еколошки заштитена, немаше отпадна, индустриска вода насочена во неа. Сепарации какви што гледаме тука не постојат, таму е друга технологија, која не го менува текот на реката, не ја уништува“, кажа Ангелче Гушев, организатор на 24. Вардарска регата.

    Грчките извидници од Солун им дале максимална подршка. (Фото: Вардарска регата)

    Грчките извидници од Солун им дале максимална подршка од сместување, храна, вода, освежителни пијалоци. Осум месеци со солунските извидници договарале детали, активности за регатата, за шест дена пловење овој месец, јуни.

    „После вториот базен логор Акропотамис, наидовме на мини хидроцентрали кои не беа пречка да се поминат, лесно продолживме. Нивото на реката во Грција беше мошне ниско, беше тешко да се весла. Влеговме во делтата на реката Вардар, каде што е птичји резерват, сега им било време на размножување на птиците, што ни создаде проблем да не ја нарушиме природната рамнотежа и догодина ќе мораме поради тоа да го менуваме терминот на пловење. Стигнавме до црвата ‘Св. Никола’, каде што според пишаните документи, гемиите од Велес стигнувале до Егејот и тука бил претоварен центар за стоката да се носи натаму со бродови и продава по Европа. Потоа солунските извидниците нè сместија во нивната база, со што ни направија голема чест и подадоа рака за големо пријателство. Им благодариме за сè што сторија за нас“ – додаде Гушев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира