Угина една од трите жирафи во скопската Зоолошка градина. Жирафата Тобого, како што велат од градината, угинала ненадејно вчера, а денеска ѝ била направена обдукција при што не биле констатирани физички повреди.
„Во наредните денови ги очекуваме целосните резултати за причината за угинувањето на Тобого.
Жирафата Тобого заедно со Каспер и Флопи беше меѓу омилените жители на скопската зоолошка. Тој беше миленик на вработените и на посетителите. Сите сме неизмерно тажни и со скршени срца поради неговото заминување“, велат од Зоолошката градина.
Тобого е роден во Франкфурт, Германија во декември 2010, а жител на Скопје Зоо беше од 5 ноември 2013.
А. АНТЕВСКА