УКРАДЕН ТРАКТОРОТ НА САМОХРАНА МАЈКА СО ТРИ ДЕЦА ОД НЕБРЕГОВО СО КОЈ ЗАРАБОТУВАЛА РАБОТЕЈЌИ НА НИВА

    УКРАДЕН ТРАКТОРОТ НА САМОХРАНА МАЈКА СО ТРИ ДЕЦА ОД НЕБРЕГОВО СО КОЈ ЗАРАБОТУВАЛА РАБОТЕЈЌИ НА НИВАКристина замолува хумани луѓе ако можат да ѝ помогнат да купи друг половен трактор за да не ѝ останат децата гладни. (Фото: СДК.МК)

    Кристина Бошкоска од прилепското село Небрегово остана без својот трактор со кој ги обработувала нивните со тутун, откако ѝ го украле крадци. Бошкоска е самохрана мајка на три малолетни деца и обработувајќи ниви со тракторот заработувала за да го прехрани семејството.  Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК прашува кој би можел да биде толку безмилосен и да краде механизација стара 14 години која за нив има егзистенцијална важност. Заедно со тракторот им ја украле и приколката за транспорт на земјоделски производи.

    „Тракторот од дома ми го зедоа ноќе пред десетина дена. Имaше невреме, врнеше, струја немавме, портата беше заклучена со голем катанец. Се јавив во полиција, дојдоа по извесно време и зедоа изјави. Немаше траги од тракторот кон каде бил однесен зашто цела вечер врнеше“, вели Бошкоска.

    Од полиција го потврдија случајот и соопштија дека тракторот бил украден додека сопственичката не била дома.

    „На втори февруари К. Б. (48) од село Балинци, валандовско, пријавила дека во временскиот период кога била отсутна од 19.01.2021 до 02.02.2021 од страна на непознат сторител од дворот од куќата сопственост на пријавителката лоцирана во село Небрегово одземен и е трактор марка ИМТ-539 и приколка за трактор која била поставена на него. Увид извршила увидната екипа на Полициската станица од Прилеп и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од полиција.

    Кристина во Македонија дошла пред 14 години како невеста од Лежа, Албанија, за да основа семејство. Имала добар брак, родила три деца, го научила македонскиот јазик и станала земјоделка и научила да вози. трактор. По смртта на сопругот останала сама да се грижи за семејството. Прво живееле во село Балинци, валандовско, а сега во Небрегово, прилепско.

    „Немам никој свој тука да ми помогне освен деца. Цело мое семејство од кое потекнувам е во странство. Сама живеам со моите чеда. Работејќи со тракторот ги прехранував, садев тутун. И тие ми помагаа, цело лето од ноќе на тутун одевме. Имам 15 декари земја колку да можеме да заработиме за леб“, кажува таа.

    Покрај земјоделството, семејството добива семејната пензија од 9.000 денари по смртта на сопругот. Замолува хумани луѓе ако можат да ѝ помогнат да купи друг половен трактор за да не им останат нивите јалови, а децата гладни.

    „Тракторот имаше 14 години, беше купен годината кога се омажив тука, но беше зачуван. Се распрашував по селата да го купам најевтиниот кој чини од 3.500 до 4.000 евра. Немам толку пари. На мојот трактор ги сменив гумите лани, нов акумулатор му ставив. Беше како нов, со една рака да го возам“, вели Бошкоска.

    Ова не е првпат да ѝ крадат опрема. Пред извесно време, некој ѝ ја украл моторната пила со која таа сечела дрва преку лето кај лица кои имале потреба од тоа и на тој начин заработувала некоја пара. Семејството очекува полицијата да ги пронајде и крадците и да се казнат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира