УЛИЦА ВО ЕРУСАЛИМ ГО НОСИ ИМЕТО НА БИТОЛЧАНКАТА ЕСТРЕЈА ОВАДИЈА-МАРА, ЕВРЕЈКА ПРОГЛАСЕНА ЗА НАРОДЕН ХЕРОЈ ВО ЈУГОСЛАВИЈА

    УЛИЦА ВО ЕРУСАЛИМ ГО НОСИ ИМЕТО НА БИТОЛЧАНКАТА ЕСТРЕЈА ОВАДИЈА-МАРА, ЕВРЕЈКА ПРОГЛАСЕНА ЗА НАРОДЕН ХЕРОЈ ВО ЈУГОСЛАВИЈАУлицата Мара се наоѓа во западниот, еврејски дел на Ерусалим, во непосредна близина на големиот музеј на холокаустот „Јад Вашем“ (Фото: Д. Поповски)

    Битолчанката Естреја Овадија-Мара, единствената Еврејка прогласена за народен херој во Југославија, која загинала на 22 години во борба со фашистите, има своја улица во Ерусалим. Битолчанецот Димитар Поповски, кој живее и работи во Шведска, направи фотографии од улицата, во која на таблата на хебрејски пишува: „Улица Мара – партизанско име на Eврејката Естреја Овадија – Народен херој на Југославија – Загина во борба 5682(1922)-5704(1944)“.

    „Фотографиите ги направив при мојата посета на Светата земја. Улицата Мара се наоѓа во западниот, еврејски дел на Ерусалим, во непосредна близина на големиот музеј на холокаустот ‘Јад Вашем’. Во овој музеј има податоци за буквално сите жртви и уништени еврејски заедници од Европа во Втората светска војна. Не е мал бројот на податоци и за Битола (Монастир), како и за спомен-обележјата поврзани со Евреите од нашиот град. Таму е документирано и постоењето на оваа улица,  чие име е посветено на нашата сограѓанка“, вели Поповски.

    Естреја Овадија-Мара е загина на 22 години во борба во близина на врвот Кајмакчалан на 25 август 1944. Таа е единствената жена меѓу единаесетте Евреи од поранешна Југославија прогласена за народен херој. (Фото: Архивска фотографија)

    Улицата и населбата Рамат Беит Хакерем, во која што се наоѓа, се од понов датум. Изградени се во последните триесетина години. На улицата има 15-ина помали станбени згради.

    „На денот на мојата посета, во улицата беше многу живо и полно со луѓе поради големиот еврејски празник Сукот. Некои од жителите беа љубопитни за фотографијата што ја носев в раце и со која се фотографирав. Огромно беше изненадувањето кога разбраа дека тоа е, како што рекоа, партизанката Мара, која им стои на домовите и во личните карти. Огромна беше и среќата што за првпат сретнуваат нејзин сограѓанин“, додаде Поповски.

    Поповски е роден и израснат во Битола, но повеќе од 10 години живее во Гетеборг, каде што работи како советник во Шведската служба за податоци при Универзитетот во Гетеборг.

    Естреја Овадија Мара е родена во 1922 во Битола во работничко семејство. Рано останала без татко, па морала да го напушти училиштето и да работи. Помогната од еврејско здружение, заминала на работа во Белград, каде што учествувала во демонстрациите на 27 март 1941. Станала членка на СКОЈ, а по враќањето во Битола се вклучила во подготовките на оруженото востание. Ден пред депортацијата на македонските Евреи, отишла во илегала на 10 март 1943, а потоа заминала да се бори со партизанските одреди „Даме Груев“ и „Гоце Делчев“, била заменик политички комесар на чета во Третата македонска ударна бригада и комесар на баталјон во Седмата македонска бригада. Загинала во борба во близина на врвот Кајмакчалан на 25 август 1944. Имала само 22 години.

    Таа е единствената жена меѓу единаесетте Евреи од поранешна Југославија прогласена за народен херој. Од Битола во 1943 година фашистичкиот окупатор депортирал над 3.000 Евреи во логорот Треблинка. Денес во градот не живеат потомци на еврејската заедница. Најголемата градинка го носи името на Естреја Овадија Мара.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира