На Детското одделение во Струшката болница состојбата е алармантна, оти има голем број болни деца кои доаѓаат на преглед од Охрид каде долг период нема педијатри, но и од Ресен и Дебар.
„Пациентите треба да се згрижуваат. Точно е дека сме оптоварени но тоа е тоа, тоа ни е работа. Пациент не смее да се врати. Мора да се прими, мора да пружиме помош. Зголемен е обемот на работа, нон-стоп сме на работа. Пет доктори сме кои го покриваме Детското одделение и Неонатологија“, вели началникот на Детското одделение д-р Влатко Мицкоски.
Пред два дена, д-р Вулнет Бектеши од Детското одделение во Струга на Фејсбук објави за алармантната состојба со недостиг на лекари.
„Господ нека ни е на помош во Детското одделение во Струга. Секој ден се повеќе пациенти, сè помалку лекари. Ова веќе не се издржува. Во име на Детското одделение Струга го молиме господинот премиер, министерот за здравство, директорите на општите болници Струга и Охрид .. Да се најде решение.. А сè ова за здравјето на најмалите и најмилите… За децата“, напиша д-р Бектеши.
Д-р Мицкоски смета дека објавата на колегата Бектеши е зашто оти навистина се преоптоварени, но тоа не значи дека децата не добиваат навремена грижа.
„Меѓутоа, не станува збор дека ние нема да пружиме помош на децата или дека нема да ги згрижиме. До денешен ден одговорно тврдам дека ниту едно дете што е упатено на нашето Одделение не е вратено. Најголем број се дечиња од Охрид“, вели д-р Мицкоски.
За едно деноноќие во Струшката болница има и над 120 прегледи. Лекарите апелираат матичните лекари да бидат поажурни и да ги третираат полесно болните деца, посебно сега кога е зголемен броот на болни деца со настинки и сезонски грип, но и ларингитот како алармантна состојба кај болните деца. Велат дека се спремни да го пребродат и овој период, но очекуваат државата да најде решение за недостигот со лекари-педијатри посебно во Општата болница во Охрид.
Според началникот на струшкото Детско одделение, ова е резултат на погрешно водена политика изминативе 15-тина години.
„Дека педијатри нема, нема. Тоа е актуелен проблем во државава но тоа е проблем над 10 години, кога не се размислуваше да се испратат соодветни кадри за специјализација. Не се водело сметка кој кога ќе оди во пензија за да се обезбедат нови кадри. Имам сознанија дека директорите на Струшката и Охридската болница во согласност со министерот договориле по Нова година двајца колеги да дојдат во Охрид и донекаде ќе се реши проблемот“, вели д-р Мицкоски.
С. ВРЕНЦОВСКА