УНИШТЕНА СПОМЕН КОСТУРНИЦАТА НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ОД НОБ ВО НЕГОТИНО

    УНИШТЕНА СПОМЕН КОСТУРНИЦАТА НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ОД НОБ ВО НЕГОТИНО„Се боревте како титани, паднавте како херои, во мракот бевте светли, во слободата сте сонце“, пишува на спомен-плочата кај обелискот во чие приземје се моштите на загинатите борци од НОБ во 1941-1945 од Неготино. Спомен-костурницата е сосем распадната и запуштена (Фото: СДК.МК)

    Во катастрофална состојба е Спомен-костурницата во Неготино, иако претходната власт лани ветуваше дека ќе го реновира и среди тој дел на градот. Споменик е исчкртан, а скршени се и скалите кои водат до него,  има расфрлан отпад, исечени дрвца.

    Споменик-костурницата со обелиск од 6 метри е изградена источно од Неготино, на Тумбето. Во приземјето се моштите на загинатите борци од НОБ во 1941-1945 од Неготино. Автор на споменикот е Илија Ханџиски, академски вајар од Скопје.

    „Се боревте како титани, паднавте како херои, во мракот бевте светли, во слободата сте сонце“, пишува на спомен-плочата кај обелискот.

    Претходниот градоначалник на Неготино Ванчо Апостолов вели дека после многу години, за време на неговиот мандат стартувал но не финиширал  проектот за уредување на тој дел од градот. Проектната документација и премерот  биле  завршени. Преку Вардарскиот Плански Регион и со околу милион денари завршиле  дел од работите со неколку нови содржини, како одбојкарско игралиште и уште неколку други работи. За вториот дел, кој било предвидено  да се уреди со околу пет милиони  од буџетот на Општината, требало да се распише тендер, но не се распишал, оти дошле  изборите.

    „Актуелната локална самоуправа треба само да распише тендер и изведувачот да го уреди тој дел што остана неуреден”, вели Апостолов.

    Новиот  градоначалник Тони Делков вели дека претходниот проект бил слаб и неодржлив, па бил повлечен, а тендерот стопиран. Обврската која ја имала поранешната  локална самоуправа  не ја завршила во целост.  Сега  веќе наново аплицирале со нов проект преку Вардарски Плански Регион до Министерството за локална самоуправа и очекуваат најбрзо што може  да добијат позитивен одговор.

    „Впрочем,  од Вардарски Плански Регион имаме одобрено во прва фаза околу осум милиони денари,  треба само проектот да се потврди и во Бирото и мислам дека ќе помине многу скоро. И дека таа лоша слика која е оставена таму од претходната власт ќе биде минато. Очекувам годинава  да се заврши тоа во целина  и да биде така  како што треба да изгледа, вели Делков.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира