УНИВЕРЗАЛНА ДА СЕ РЕСТАВРИРА, МУЛТИМЕДИЈАЛНА САЛА ДА СЕ ГРАДИ НА НОВА ЛОКАЦИЈА СО ПАРИ ОД ВЛАДАТА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ

    УНИВЕРЗАЛНА ДА СЕ РЕСТАВРИРА, МУЛТИМЕДИЈАЛНА САЛА ДА СЕ ГРАДИ НА НОВА ЛОКАЦИЈА СО ПАРИ ОД ВЛАДАТА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВВо моментов, во тек е конкурсот за изградба на парк со летна сцена на местото на Универзална сала, а Шилегов кажа дека Градот ќе распише конкурс и за реставрација на објектот и друг конкурс за концертна сала на нова локација. Откако сите решенија ќе бидат направени ќе се претстават пред јавноста и ќе се одлучи која варијанта ќе се реализира. (Фото: СДК.МК)

    Универзалната сала да се реставрира, а на нова локација да се гради нова мултимедијална сала, смета градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Тој денеска на брифинг со новинарите ги презентираше трите опции кои му стојат на градот околу реновирањето и изградба на новата Универзална сала. Како што кажа тој, во градот има три проекти за Универзална и три опции за тоа што ќе се гради.

    „Првата опција е да се гради нова сала на постојната локација, втората на нова ликација и последната за реставрација на постојната и изградба на нова мултимедијална сала на нова локација. Јас лично би сакал да се реализира третата опција. Со тоа, Универзална во постојната големина би останала, а Скопје би добил нов објект во кој би биле сместени и други културни институции како Театарот за деца и млади, Танец, а би имало и конгресен центар. Јас овие идеи ги отворам, за нив да се произнесе и Владата, стручната јавност но и граѓаните. Ако треба, ќе имаме и референдум за ова прашање“, рече Шилегов.

    Тој кажа дека проектот од неговиот претходник Коце Трајановски за реконструкција кој се пласира во јавноста, значи уривање на Универзалната сала и изградба на нов објект со поголем габарит и чини 17 милиони евра. Мислењето на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) е дека на таа локација не смее да се гради поголем објект од постојниот.

    Шилегов кажа дека пари за овој капитален проект ќе бара од Владата. Според првичните пресметки, изградба на нова сала на нова локација и рестраврација на постојната би чинело 20 милиони евра. Досега, од буџетот на државата за овој проект на Град Скопје му се одобрени само пола милион евра.

    „Ние не сме богат Град ниту богата држава. Затоа, треба да донесеме оптимално решение оти станува збор за објект кој ќе се користи во наредните 30 до 50 години. Доколку некој мисли дека со конкурсот за парк сакаме да надоместиме зеленило за планот за Буњаковец 2, јас сум спремен сите постапки да бидат запрени додека се донесе ДУП-от“, рече Шилегов.

    Во моментов, во тек е конкурсот за изградба на парк со летна сцена на местото на Универзална сала, а Шилегов кажа дека Градот ќе распише конкурс и за реставрација на објектот и друг конкурс за концертна сала на нова локација. Откако сите решенија ќе бидат направени ќе се претстават пред јавноста и ќе се одлучи која варијанта ќе се реализира.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира