УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЌЕ ИМА ПОМАЛКУ СЕДИШТА, ПОГОЛЕМО ФОАЈЕ, КУПОЛАТА НАВЕЧЕР ЌЕ СВЕТИ, ПРЕЗЕНТИРАН ПРОЕКТОТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА

    УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЌЕ ИМА ПОМАЛКУ СЕДИШТА, ПОГОЛЕМО ФОАЈЕ, КУПОЛАТА НАВЕЧЕР ЌЕ СВЕТИ, ПРЕЗЕНТИРАН ПРОЕКТОТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАСо проектот ќе се задржи постојната форма и габарит, а ќе се зачувува и духот на Универзална сала.(Фото: К.Попов)

    Ќе се намали капацитетот на Универзална сала од 1.500 на 1.100 седишта, а куполата навечер ќе свети. Ова се предвидува со проектот за реконструкција на концертната сала кој денес го претставија градоначалникот Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев и архитектот Бујар Муча.

    Проектот е поделен на две фази, првата е изработка на фасадата и на куполата, а во втората фаза ќе се предложи решение за функционалноста на објектот, за сценската технологија и распоредот на седиштата.

    „Со проектот ќе се задржи постојната форма и габарит односно се зачувува духот на Универзална сала. Се прави внатрешна реорганизација на просторот и ќе се употребат нови материјали на фасадата за таа да биде енергетски-ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита. Со решението ќе го решиме и најгорливиот проблем на Универзална сала, немањето на фоаје. Ќе ги префрламе санитариите и на сметка на тоа се зголемува фоајето“, рече архитектот на проектот Бујар Муча.

    Ќе има и нов распоред на седиштата кои сега се тесно поставени односно ќе се намали бројот од 1.500 на 1.100 или 1.200. Куполата ќе биде зголемeна и навечер осветлена.

    Како што најави градоначалникот Петре Шилегов наскоро ќе биде распишан тендерот за избор на фирма изведувач, по што во мај ќе стартуваат градежните работи. Прво ќе се работи на надворешниот дел или фасадата, а од септември се очекува да почне и втората фаза односно реконструкција на внатрешноста.

    Решение за дополнителни паркинг места нема, но според градоначалникот Шилегов постојната катна гаража зад Универзална во одредена мера ги задоволува потребите.

    „Со воведувањето на новиот современ јавен превоз голем број граѓани ќе ги користат него, а бидејќи објектот е во центарот на градот има и други начини како да се стаса на концерт“, рече Шилегов, кој додаде дека не се откажува од идејата за изградба на нова концертна сала на друга локација.

    Средствата за обнова на концертната сала во висина од 2 милиони евра се обезбедени од Владата.

    Изведбениот проект е донација на проектантското биро „Мегарон инженеринг“, каде косопственик е Бујар Муча.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира