УНИВЕРЗАЛНА САЛА СТОИ СОГОЛЕНА, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ЗОШТО СЕ СТОПИРАНИ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ ИАКО ВЛАДАТА ГИ ПРЕФРЛИЛА ПАРИТЕ

    УНИВЕРЗАЛНА САЛА СТОИ СОГОЛЕНА, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ЗОШТО СЕ СТОПИРАНИ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ ИАКО ВЛАДАТА ГИ ПРЕФРЛИЛА ПАРИТЕПо локалните избори и промената на градоначалничката фунцкија градежните работи се прекинати и објектот стои соголен. (Фото: К. Попов)

    Универзална сала стои разурната, со соголена фасада и не се одвиваат никакви градежни работи за реконструција на објектот. Зошто е стопирана изградбата на концетната сала, градоначалничката Данела Арсовска не кажува.

    Лани во септември, Град Скопје почна со градежни работи за уривањето на старата конструкција на Универзална сала. Во предниот дел од објектот беше поставена и новата конструкција и таму се изврши целосно уривањето на старите делови. Тогаш од Град Скопје рекоа дека во октомври целиот објект ќе добие нова конструкција, по што ќе почне изведбата на надворешноста и куполата, кои треба да  бидат готови до крајот на годината. Потоа, како што најавија тогаш, ќе почне втората фаза, односно реконструкцијата на внатрешноста.

    Но, по локалните избори и промената на градоначалничката фунцкија градежните работи се прекинати и објектот стои соголен.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК во понеделникот испрати прашања до Одделението за односи со јавност во Град Скопје зошто Универзална сала не се реновира и дали постои некаков проблем со оглед дека пари за овој проект веќе се префрлени од Владата на наменска сметка на Градот. Прашањето и го испративме и на градоначалничката Данела Арсовска. Одговори до денеска не добивме.

    Градоначалничката Арсовска во декември на брифинг со новинарите кажа дека фасадата и куполата ќе се завршат до пролет, а за внатрешноста во моментов нема пари бидејќи од Владата се префрлени средства само за надворешноста, а немало ниту проектна документација.

    Изведбата на фасадата и покривот чинат 1,8 милиони евра, кои беа обезбедени од Владата. Градежните работи ги изведува фирмата „Универзал Балкан“.

    Универзална сала е затворена 7 години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

    Универзална сала е изградена после скопскиот земјотрес како донација на Бугарија.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира