УШТЕ 2 МИЛИОНА ЕВРА ЗА ДОИЗГРАДБА НА БРАНАТА НА РЕКАТА ОТИЊА КАЈ ШТИП, КОЈА ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ГОТОВА ЛАНИ

    УШТЕ 2 МИЛИОНА ЕВРА ЗА ДОИЗГРАДБА НА БРАНАТА НА РЕКАТА ОТИЊА КАЈ ШТИП, КОЈА ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ГОТОВА ЛАНИЛетото што измина требаше да биде изградена браната на реката Отиња, но рокот повторно е пролонгиран и од Министерството за транспорт и врски се предвидува нов рок за нови две години. ( Фото: СДК.МК )

    Министерот за транспорт и врски Александар Николовски најави дека Владата одлучила да се одобрат нови 2 милиона евра за доизградба на браната на реката Отиња кај Штип затоа што поради досегашните пропусти, роковите биле пролонгирани, па се неопходни уште две години и дополнителни средства. Наместо досега потрошените 6 милиони еврa,  оваа инвестиција, мошне важна за штипјани и регионот, ќе чини вкупно 8 милиони евра.

    „Наскоро по завршувањето на најновиот тендер ќе се знае која фирма ќе работи на доизградбата на браната која според нивните оценки треба да биде готова во 2026, а акумулацијата во текот на 2027  ќе биде полна со максималниот предвиден капацитет од 3 милиони кубни метри вода“, вели Николовски.

    Првата акумулација во Општина Штип која е една ретките што нема ваков воден капацитет, се гради по течението на локалната река Отиња во месноста Ќемер која во изминатите 3-4 години беше големо градилиште. Објаснувањата беа дека се гради акумулација која е дамнешен сон на штипјани кои во годините наназад сакаа да распишуваат и самопридонес за изградба и дека истата ќе ја измени климата, посебно во летниот период, а ќе има и економска, рекреативна и туристичка корист.

    Браната почна да се гради во јули 2021 со најава на тогашната власт дека ќе биде готова за две години, но досега е завршена повеќе од 50 проценти. Инвестицијата за овој капитален проект имаше неколку пролонгирања за конечната изградба и неколку ребаланси на буџетот, па така во летото 2024 кога беше еден од роковите за веќе изградена брана,  тогашната Влада донесе одлука за ребаланс на буџетот за браната за доизградба во износ од 1,4 милиони евра и дополнителни 320. 000 евра за експропријација како надомест за одземениот имот на граѓаните.

    „Иако во Штип имаме голем број предмети за експропријација и за други локации, сепак во исто време успеавме мошне експедитивино и педантно да ја завршиме комплетната експропријација на имотите кои во иднина ќе бидат дел од браната во Штип. Решени се сите 82 предмети за експропријација кои се однесуваат на исто толку сопственици и на исто толку катастарски парцели (КП ) чија цена варираше во зависност од тоа во каква градежна зона се конкретните имоти на граѓаните“, вели раководителот Неда Саклова, овластен потписник во Подрачната единица за првостепена управна постапка за имотни правни работи во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира