УШТЕ ТРИ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ОД КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО ПОЗИТИВНИ НА КОРОНАВИРУС

    УШТЕ ТРИ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ОД КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО ПОЗИТИВНИ НА КОРОНАВИРУСОд тетовската Клиничка болница велат дека се на граница на своите можности (Фото: СДК.МК)

    Три медицински лица од Клиничката болница во Тетово вчера се регистрирани како позитивни на ковид-19.

    „Вчера имавме три нови случаи на коронавирус меѓу медицинскиот персонал. Уште се прават анкетите, па не знаеме уште колку други ќе бидат ставени во изолација. Сето тоа многу ни ја отежнува работата. Сега сме на граница на можностите, но успеваме да се снајдеме. За среќа, деновиве бројот на хоспитализирани лица не трпи некои големи промени и нивниот број се движи од 45 до 47. Полесните случаи се сместуваат во Специјалната болница за белодробни заболувања во Лешок, а во одделенијата во Тетово се оние потешките. Во тетовската болница целосно сме подготвени да отвориме и нови одделенија кои ќе бидат наменети само за заболените од ковид-19, но во овој момент, тоа би било нерационално“, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид центарот во Клиничката болница во Тетово.

    Последниве денови можеа да се слушнат поплаки од пациентите кои се лекуваат амбулантно дека во тетовската болница ги нема реагенсите Д-димери, односно ги има само за пациентите кои се лекуваат во болнички услови.

    „И јас сум го слушнал ова. Еве, денеска има во Клиничката болница, има и во Центарот за јавно здравје. Затоа јас ги демантирам тие информации, овие реагенси ги имаме доволно во нашата болница“, подврдува Нуредини.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира