Условна казна од една година затвор е пресудата за битолскиот случај со групата „Јавна соба“ на платформата Телеграм, во кој обвинетиот кој злоупотреби интимни фотографии од поранешната девојка и ги објави на социјалните мрежи ќе биде казнет, а жената ќе добие отштета. Битолчанецот е осуден за сторено кривично дело загрозување на сигурноста, злоупотреба на лични податоци и неовластено снимање.
Иако пресудата од една година затвор е условна, сепак ова е опомена да нема злоупотреби на туѓи фотографии на социјалните мрежи.
Адвокатката Катерина Котеска-Калајџиевски, која го доби спорот по две години судење, вели дека пресудата е условна, па ако во рок од една години обвинетиот не стори ново кривично дело, нема да помине една година во затвор. Одлуката е правосилна. Адвокатката истакна дека нејзината клиентка била изложена на срам со јавно објавување на интимни фотографии, па преживеала голгота, а чинот наместо да се осуди, бил предмет на јавен потсмев.
„Горда сум што го водев и добив случајот. Докажавме дека никој не смее да објавува нешто што е пратено во доверба. Сите што ќе се обидат ќе бидат казнети. Правдата е секогаш на вистинската страна“, рече адокатката Котеска-Калајџивевски.
Скандалозната група „Јавна соба“ на Телеграм ја брануваше јавноста во изминатите две години објавувајќи експлицитни фотографии на девојки, имаше повеќе од 6.500 членови и беа споделени околу 10.000 фотографии и видеа. МВР истражуваше кој стои зад групата, па беа приведени битолчанец и велешанец.
Ж. ЗДРАВКОВСКА