УСТАВНИОТ СУД ЈА УКИНА ОДЛУКАТА НА ОПШТИНА ТЕТОВО ОД 2007 ЗА ПРЕИМЕНУВАЊЕ НА УЛИЦИТЕ ВО ГРАДОТ

    УСТАВНИОТ СУД ЈА УКИНА ОДЛУКАТА НА ОПШТИНА ТЕТОВО ОД 2007 ЗА ПРЕИМЕНУВАЊЕ НА УЛИЦИТЕ ВО ГРАДОТОд Уставниот суд ни рекоа дека причината за укинувањето на Одлуката за новите имиња на улиците во Тетово е поради тоа што пред речиси 2 децении таа не добила согласност од Владата, и судот оценил дека Одлуката на Советот на Општина Тетово не е во согласност со законските и уставните норми. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд на својата денешна седница ја укина Одлуката на Совет на Општина Тетово, донесена на 24 април 2007 година, за преименување на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и други објекти во градот. Од Уставниот суд ни рекоа дека причината за укинувањето на Одлуката за новите имиња на улиците во Тетово е поради тоа што пред речиси 2 децении таа не добила согласност од Владата. Уставниот суд оценил дека Одлуката на Советот на Општина Тетово не е во согласност со законските и уставните норми.

    Оваа одлука Уставниот суд сè уште ја нема објавено на својата веб страна.

    Иницијативата пред Уставниот суд беше поднесена на 11 февруари 2025 од Даријан Сотировски и Сојузот на борците од НОБ-Тетово.
    „На денешната седница Уставниот суд донесе одлука да ја прифати Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр.07-766 од 24.04.2007 година, која ја поднесовме со Сојузот на борците од НОБ Тетово на 11.02.2025 година и ја укина незаконската одлука. Во сега далечната 2007 година со гласовите на советниците од сите претставени политички партии, кршејќи го законот, Советот ги замени имињата на македонските херои и јунаците од светската антифашистичка коалиција, рефлектирајќи непочитување кон Уставот и кон асномскиот антифашистички темел на државата. Убеден сум дека се што ни се случува или ни се случувало во голема мера е резултат на нашата колективна попустливост и предавање. Верувам дека сите можеме да дадеме многу поголем придонес кон повисокото добро“, објави на социјалните мрежи поднесителот на иницијативата Сотировски.

    Со Одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 беа сменети имињата на повеќе улици и на градскиот плоштад во Тетово. Така главниот булевар и плоштадот, кои го носеа името „Маршал Тито“ беа преименувани во булевар и плоштад „Илирија“, улицата „ЈНА“ стана „Дервиш Цара“, улицата „29 Ноември“ во „Мехмет Паша Дерала“ и уште неколку други улици добија нови имиња.

    Оваа Одлука на Општина Тетово не беше прифатена од централната власт па во изминативе 19 години во Тетово постоеше двојно именување на дел од улиците. Во општинските документи фигурираа новите имиња на улиците, но во официјалните документи издадени од државата (лични карти, пасоши и друго) беа внесувани старите имиња на улиците.

    Пред крајот на првиот мандат, сегашниот градоначалник на Општина Тетово Билал Касами покрена иницијатива за промена на имињата на уште улици во градот кои „не одговарале на сегашниот момент и се остаток од едно мрачно минато“, како што беше образложено. Се формираше комисија која имаше за цел да утврди список на предлози за нови имиња која одржа и 4 јавни дебати на кои граѓаните покрај по електронски пат можеа и усно да даваат предлози за новите имиња на улиците. Па така, меѓу над 1.000 предлози имаше и такви со имиња на Албанци кои соработувале со фашистичкиот окупатор, имиња на припадници на УЧК, на лица кои се сосем непознати и нерелавантни за историјата на Тетово.

    Пред одржувањето на Локалните избори во 2025, оваа комисија беше распуштена, а по добивањето на вториот мандат за градоначалник, Касами формира нова комисија која, како што беше речено, наскоро требало да излезе со предлозите за нови имиња на дел од улиците во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира