Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Деталниот урбанистички план (ДУП) за Буњаковец во кој спаѓа и просторот на „Треска“ во Скопје. Иницијативата на 14 јули ја поднесоа граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и адвокатката Сузана Јошевска за да го спречат неговото понатамошно спроведување што ќе нанесе штета на јавниот интерес.
Но, како што денес соопштија од „Шанса за Центар“, Уставниот суд, без расправа и повикување експерти, ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на планот.
- ЗГРАДИТЕ ВО „ТРЕСКА“ СЕ ГРАДАТ 24/7, ЏАБЕ УСТАВЕН СУД ОФОРМИ ПРЕДМЕТ
- „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“ БАРА УСТАВЕН СУД ДА ГО УКИНЕ ДЕТАЛНИОТ ПЛАН ЗА БУЊАКОВЕЦ И ДА СТОПИРА ГРАДЕЊЕ ВО „ТРЕСКА“
-
„За жал се потврди правилото ‘Устав може да се смени, ама ДУП никако‘. На здравје нека се над 1 милион метри квадратни бруто изградена површина за домување наместо 400.000 што ги дозволува ГУП-от. Над 60% изграденост за домување наместо 22% колку што дозволува ГУП-от, над 33.000 жители наместо 12.500, над 9.300 просечен број на семејства наместо 3.400. Ќе има 0.36 метри квадратни зеленило по жител или ич. Густина на изграденост со планираните висини со кои не се обезбедува минимален стандард за нормално хумано живеење или доволна аерација и минимални 2 часа осонченост. Уште подолги листи за чекање за запишување во градинка, училишта. На здравје нека се наполитанките“, велат од иницијативата „Шанса за Центар“.
Во „Треска“ веќе на големо се градат првите згради, а како што велат станарите од околните згради, се гради 24/7. Планот предвидува изградба на нови објекти на просторот на поранешната фабрика „Треска“, што би значело уништување на просторот и реализирање на т. н. „наполитанки“, нацртани во време на власта на ВМРО-ДПМНЕ.
А. АНТЕВСКА