УТРЕ ИСТЕКУВА РОКОТ ЗА СПАС НА ОХРИД КАКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКО

    УТРЕ ИСТЕКУВА РОКОТ ЗА СПАС НА ОХРИД КАКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКОЗдружението „Охрид СОС“ бара да се донесе мораториум на сите градби на охридското крајбрежје и во градот додека не се изработат сите плански документи (фото:СДК.МК)

    Македонија до утре треба да ги исполни препораките од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за да не биде избришан Охрид од листата на Светско наследство.

    Од Министерството за култура велат дека утре ќе го поднесат извештајот до УНЕСКО, по што ќе ја информираат јавноста што е преземено по препораките од органицијата за образование, наука и култура на Обединетите нации .

    Здружението „Охрид СОС“ потсети дека на први февруари годинава истекува рокот кој го доби Македонија со одлуката од на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство во полскиот град Краков лани во јуни, со која земјата е обврзана да поднесе извештај за напредокот во имплементација на препораките од реактивната мониторинг мисија на Центарот за светско наследство, IUCN и ICOMOS.

    „Ова е дел од процедурата која државата треба да ја исполни за да не дозволи единственото место од Македонија која е под заштита на УНЕСКО да биде ставено на листата на Светско наследство во опасност, што може да води до целосно бришење од листата на Светско наследство на УНЕСКО“, велат од „Охрид СОС“.

    Според здружението треба трајно да се отфрли планот за изградба на ски центар во националниот парк Галичица и трајно да се отфрли изградбата на планираниот експресен пат низ Галичица.

    „Потребно е да се прогласи мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи, како што се: план за управување, урбанистички или мастер план за крајбрежјето врз основа на исклучителната универзалната вредност на доброто, сѐ додека не се донесе соодветна правна регулатива и не се воспостави ефикасна контрола“, велат од Охрид СОС.

    Здружението кажа дека бараат да се направи темелна проценка за утврдување на заштитна зона на Охрид, која би го вклучила и Преспанското Езеро, да се изготви  стратешка оцена за влијанието врз животната средина за планот за управување со охридскиот регион 2016-2025.

    „При изработката на стратешката оценка за животна средина строго да се внимава на кумулативните влијанија од какви било инфраструктурни проекти и да се поднесе до Центарот за светско наследство пред да се преземат какви било одлуки, кои би биле непоправливи. Да запре легализацијата на дивоградбите сè додека не се направи нивна евиденција и не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство. Бараме државата ригорозно да ги спроведува законите за да се спречи секакво нелегално градење“, велат од „Охрид СОС“.

    Д.ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира