Утрешниот референдум против отворање рудници е историски ден за здрав живот и за доброто на идните генерации, рекоа активистите од иницијативата „Спас за Валандово“ на последната трибина пред гласањето. Градскиот парк Пеонија беше претесен да ги собере валандовчани кои изразија страв од евентуално функционирање на рударски комплекси во нивната околина. Сметаат дека рудникот Казандол што е на три километри од градот, со минирањето, прашината, процесот на лужење ќе го смени ликот на оваа општина, а ќе го уништи целото земјоделско производство.
„Кој ќе сака да купи од нас смокви, калинки, јапонска јаболка, грозје, зелка, домати, бостан? Никој, оти сите ќе знаат дека доаѓаат од подрачје каде има рудник. Што правиме тогаш? Што ќе прават земјоделците? Треба ли да ја уништиме оваа зелена оаза и целиот овој регион кој произведува околу 40 % свеж зеленчук, овошје и преработки од нив? За да се задоволат апетитите на еден инвеститор треба да се доведе во прашање егзистеницјата на десетици илјади земјоделци. Не знам со кој памет некој дозволи да се отвара рудник во зелена оаза“, рече Нико Попов, земјоделски агроном.
Валандовчани утре ќе се изјаснуваат дали се за или против отворање рудници во нивната општина и дали се за или против продолжување со работа на комплексот Казандол каде ќе се врши ископ на руда и производство на катоден бакар. Граѓанските аквитивисти цели пет месеци имаа опструкции од локалните власти да нема референдум во општината, поради што беа приморани да собираат потписи за рефрендумско изјаснување. Тврдат дека и сега имаат притисоци за да народот не излезе в недела, за да пропадне референдумот. Изминативе денови им беа уништувани банерите, а жителите заплашувани дека ќе мора да плаќаат по 3.000 евра ако успее референдумот и Казандол не профункционира.
„Работата е сериозна. Иднината и нашиот живот, но и иднината на идните наши генерации зависи од нас што ќе направиме оваа недела. Треба ли да нѐ колнат еден ден и нашите коски да се превртуваат во гроб оти сме дозволиле да се уништи оваа зелена оаза?“, им порачаа активистите на своите сограѓани со апел да излезат в недела на референдум.
За да биде успешен референдумот, утре треба да излезат минимум 5.200 граѓани со право на глас. Валандово е 4 општина во Југоистокот која на референдум се изјаснува дали да има или не рудници во нивната општина. Претходно Гевгелија Богданци и Дојран се изјаснија против рудници и продолжување со изградба на комплексот Казандол.
В. ТРАЈКОВ