ВАЛИДАТОРИ ЌЕ ИМА И НА ЗАДНАТА ВРАТА НА ГРАДСКИТЕ АВТОБУСИ, СКОПСКА ЌЕ СЕ НАДОПОЛНУВА И ЕЛЕКТРОНСКИ

    ВАЛИДАТОРИ ЌЕ ИМА И НА ЗАДНАТА ВРАТА НА ГРАДСКИТЕ АВТОБУСИ, СКОПСКА ЌЕ СЕ НАДОПОЛНУВА И ЕЛЕКТРОНСКИЗа корисниците на јавниот превоз ќе биде изработена нова андроид апликација за паметни телефони, со чиешто користење граѓаните ќе можат сами да ја надополнуваат картичката „Скопска“, но и постојано да имаат увид колкава сума имаат на нивната сметка.(Фото: СДК.МК)

    Од есен во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници валидатори ќе бидат поставени и на задната врата. Ова се предвидува со договорот кој ЈСП „Скопје“ го склучи со „Македонски Телеком“ за надградба на системот за електронска наплата, воведување билет за едно возење, како и изработка на андроид апликација за подобрување на услугите кои ги нуди јавното претпријатие. Договорот е во висина од 2,2 милиони евра, а новите поволности за патниците целосно да бидат имплементирани за 4 месеци.

    Директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков вели дека реализацијата на оваа јавна набавка значително ќе го подобри квалитетот на јавниот превоз.

    „Меѓудругото ќе се овозможи воведување на билет за едно возење, кој е повеќе од потребен за граѓаните кои ретко се возат со автобус, на оние од внатрешноста, туристите. Овој договор вклучува набавка и поставување на валидатори на задна врата, што ќе овозможи побрз проток на патниците во автобусите, а со тоа и скратување во време од стоење на постојка поради гужвите на предна врата каде се наоѓа валидаторот“, вели Чушков.

    Дел од јавната набавка е и подготовка на нова андроид апликација за паметни телефони, со чиешто користење граѓаните ќе можат сами да ја надополнуваат картичката „Скопска“, но и постојано да имаат увид колкава сума имаат на нивната сметка.

    „Сето ова ќе им заштеди време на корисниците на јавниот превоз, кои сега за дополнување или проверка на сметка мораат да одат во билетарница или во некој од субјектите на секундарната продажна мрежа. Преку апликацијата ќе може да се утврди и реалното време на пристигнување на автобусите на станицата, да се разгледа возниот ред и шемата на автобуски линии“, додава Чушков.

    Новите решенија се однесуваат не само за автобусите на ЈСП, туку и за приватните превозници.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари