Непознати сторители ноќеска ги вандализирале бистите на македоските поети Славко Јаневски и Анте Поповски во Алејата на писателите во Струга. Бронзената биста на Поповски била демонтирана од постаментот и фрлена во водите на Охридското Езеро, додека на спомен-обележјето на Јаневски има оштетување и главата е свртена наопаку.
Полицијата работи на откривање на сторителите и мотивите за вандализирањето.
„Настанот е пријавен, полициски екипи веднаш излегоа на терен да извршат увид на местото каде е извршено оштетувањето“, изјави за САКАМДАКАЖАМ портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Денеска е 18-годишнина од смртта на Поповски, кој почина во 2003 на 72 години.
Од поетската манифестација Струшки вечери на поезијата (СВП) го осудија вандализирањето на бистите на македонските поети.
„Најостро го осудуваме чинот на вандализирање на бистите на истакнатите македонски поети и очекуваме сторителите во најкус можен рок да се пронајдат и соодветно да се казнат, и апелираме до целата македонска јавност да се почитуваат придобивките на нашата поетска традиција“, вели Тодорче Тасевски, директор на СВП.
Тој кажа дека излегле веднаш на терен за да ги извадат бистите од Езеро и да ги вратат на нивните постаменти.
„Жалиме што ова не е единствен инцидент, се случувало и претходно и уште еднаш апелираме да престанат ваквите вандалски чинови“, вели Тасевски.
Ова не е првпат да се сквернават бистите на македонските поети во Струга. Спомен-плочите настрадаа и пред неколку години кога дел од нив беа искршени, а дел исчезнаа. Тогаш полицијата ги пронајде сторителите.
С. ВРЕНЦОВСКА