ВАРДАР НЕ Е КОРПА ЗА ОТПАД, АПЕЛИРААТ ВЕЛЕШАНИ ПО ВТОРАТА ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЧИСТЕЊЕ

    ВАРДАР НЕ Е КОРПА ЗА ОТПАД, АПЕЛИРААТ ВЕЛЕШАНИ ПО ВТОРАТА ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЧИСТЕЊЕВолонтерите од „Македонски спасител“ собраа 1.200 килограми отпад (Фото: СДК.МК)

    За два месеца велешани фрлија повеќе смет на брегот и кејот на Вардар отколку што претходно имаше на овој простор.

    Во четиричасовната акција која ја изведоа волонтерите од „Македонски спасител“, здружение за безбедност на вода и планина од Велес, беше собрано поголемо количество смет отколку при првата акција во средината на јули. Тие го чистеа просторот во централното градско подрачје, меѓу мостот Гемиџии и Мало мовче.

    „Отстранивме огромно дрво, нанос од Вардар и ги чистевме кејот и брегот на реката. Состојбата беше полоша отколку пред два месеца. Собравме 1.200 килограми отпад, најмногу пет амбалажа“, изјави Ангел Пановски, претседател на „Македонски спасител“.

    Се чистеше просторот во централното градско подрачје, меѓу мостот Гемиџии и Мало мовче. (Фото: СДК.МК)

    Ова е втор дел од проектот „Чувари на вардарското крајбрежје“, помогнат од Министерството за животна средина и Општина Велес. Членовите на здружението апелираат до велешани да ги почитуваат законите и да не фрлаат отпад во Вардар.

    „За жал, свеста е многу ниска. Додека ние чистевме, еден минувач од мост фрли ѓубре во Вардар. Реката и крајбрежјето не се корпи за отпад“, додаде Пановски.

    Во средината на август, вработените од ЈКП „Дервен“ спроведоа вонредна, трета акција годинава на чистење на брегот на Вардар, околу Стар мост и тогаш беа собрани пет трактори смет и два трактори градежен шут.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари