ВЕЛЕС ГО РЕШАВА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ГРАДОТ И ПЛАНИРА ДА ВОВЕДЕ ПЕШАЧКА ЗОНА ВО ЦЕНТАРОТ

    ВЕЛЕС ГО РЕШАВА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ГРАДОТ И ПЛАНИРА ДА ВОВЕДЕ ПЕШАЧКА ЗОНА ВО ЦЕНТАРОТОпштината ангажираше афирмирана консултантска куќа од Словенија, која работи на планот за одржлива урбана мобилност во градот (Фото: СДК.МК)

    Локалната власт на Велес работи на воведување урбана мобилност во градот, со која предност би добиле пешаците, велосипедистите и јавниот градски превоз. Автомобилите би требало да бидат истиснати од централното градско подрачје, а градот да добие пешачка зона, бидејќи Велес е еден од малкуте градови во земјава кој ја нема.

    „Сегашноста на Велес се тесни сокаци, кои биле проектирани по нив да се движат коњи, магариња и запрежни коли, а не автомобили. Во вакви услови, треба да се најде помирување помеѓу две крајности. Како луѓето безбедно и навреме да стигнат каде што имаат потреба, но без рушење на објекти, за да се прошируваат сообраќајници. Имаме огромни проблеми во сообраќајот, но треба прво да ги решиме во нашата глава, оти да можат, некои наши сограѓани со автомобил и во банка до шалтер би оделе“, вели градоначалникот Аце Коцевски, посочувајќи го фактот дека во градот има 13.711 автомобил.

    За оваа цел, ангажирана е афирмирана консултантска куќа од Словенија, АПИА, која го работи планот за одржлива урбана мобилност, а документот ќе биде готов до крајот на мај. Колку е сериозен проблемот со сообраќајот во Велес, говори и фактот што има случаи кога поради тесните улици кои водат кон двете цркви и тамошните гробишта, некогаш доцни превозот на починатиот.

    „Бараме начин за јавен превоз до двете цркви, до Којник, да се организира паркинг простор блиску до централното градско подрачје, да воведеме пофреквентен градски превоз, да изградиме велосипедски патеки, пешачка зона во центарот на градот, тротоарите да не бидат паркинг и пешаците да не се движат по улица“, рече Коцевски.

    За изнаоѓање решение, Словенците спровеле анкета, на која добиле дури 4.800 одговори.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира