ВЕЛЕС ПОТРОШИЛ 115.000 ЕВРА ЗА ПИТИЈАДАТА, А УЧИЛИШТАТА СЕ БЕЗ ГРЕЕЊЕ

    ВЕЛЕС ПОТРОШИЛ 115.000 ЕВРА ЗА ПИТИЈАДАТА, А УЧИЛИШТАТА СЕ БЕЗ ГРЕЕЊЕНастапот на Здравко Чолиќ на годинашната Питијада ги чинеше велешани три милиони денари.

    Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, откри дека претходната локална власт се заборавила во недомаќинското трошење, додека, истовремено, дел од училиштата се судираат со сериозни проблеми со обезбедување на греење, исто како и општинската зграда и сите подрачни министерства.

    И додека учениците сега мора да седат во студени училници, годинашната манифестација Велешка питијада ја чинела Општината 7,1 милион денари.

    Најмногу било платено за балканската поп-ѕвезда Здравко Чолиќ – три милиони денари, па следуваат Рибља чорба – 474.000, Агушеви – 173.000 и Тамара – 177.000 денари, додека Суперхикс, ДНК и Чалгија саунд систем поделиле 535.000 денари. За бината било платено 1,5 милиони денари, објави градоначалникот Коцевски.

    „Немаше навремена тендерска постапка, па на време не е обезбедено доволно количество на огревен материјал – ќумур и дрва. Имавме проблем со огрев во повеќе подрачни училишта во Општината, Превалец, Раштани, Бузалково и Клуковец. Не се обезбедени на време и не можеме да обезбедиме, бидејќи сметката на училиштето ‘Васил Главинов‘ е блокирана поради долгови. Помогна една компанија од Велес, од каде позајмивме огревно дрво за да се надмине кризата. Во спротивно, требаше да ја прекинеме наставата во повеќе училишта во градот“, потенцира Коцевски.

    За угостителски услуги за време на Питијадата, Општина Велес платила или ќе плати 571.000 денари, од кои 221.000 се за еден објект. Притоа, за луѓето кои биле на и околу сцената, за три дена биле потрошени пари за 400 чаши виски, 300 чаши шток, 400 чаши вотка и за други пијалоци. Лани, за истата намена биле потрошени 70.000 денари.

    „Се сомневам во злоупотреби парите да не се потрошени во изборната кампања. Сите сомнителни фактури се парафирани, иако на ниту една нема потпис, па не се знае кој јадел и пиел, кој правел софра, кои биле гостите. Питијадата ќе продолжи и в година ако организацијата ја прифати Стопанска комора, а Општина Велес да биде само поддржувач“, кажа Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира