Велешани жестоко реагираат на можноста да се легализираат дивоградбите покрај реката Бабуна, која е излетничко место за сите граѓани, но просторот е узурпиран од викендички.
Населбата почна да се формира пред 20-ина години во долниот тек на реката, по што локалната власт го прогласи просторот за карактеристичен пејзаж за да не може да се гради. Но, тоа беше на хартија, таму потоа се подигнаа уште викендички, а ниедна власт не презеде мерки за санкционирање. Тоа охрабри и други велешани да градат. Од пред неколку години, пределот нема статус на карактеристичен пејзаж и со изградбата на асфалтиран пат низ населбата до локалитетот Пешти, уште повеќе се зголеми бројот на дивоградби.
„Законската регулатива е променета и состојбата драстично се промени. Имаме барања за легализација од граѓани кои таму имаат објекти и не постои правна пречка да се легализираат. Но, досега ниту еден нема добиено документ“, објаснуваше градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, пред донесувањето на Законот за легализација, кој претседателот Пендаровски не го потпиша.
И додека сите локални власти со години наназад вербално се противеа на оваа дива населба, во пракса ништо не преземаа. Иако на 50 метри широчина од крајбрежниот појас не може да се гради, тоа не пречеше да никне населба во овој предел. Граѓанските здруженија силно порачуваат дека градбите на овој простор не смеат да се легализираат.
„Сведоци сме на најголемата неправда која се случува на природата и нам од страна на политичките елити, без исклучок. Овој дел на Бабуна, заедно со другите природни предели на Македонија кои се освоени од дивоградби, е најужасен пример на производ на нефункционалниот систем. Ова што ни се случува е безобразие, алчност, ароганција, дрскост. Ужаснат сум од луѓето кои го донесоа законот, а до пред некоја година беа најгласни противници на овие дивоградби“, вели Игор Смилев од еколошката групација „Зелена сила“.
Пределот во долниот тек на Бабуна го опфаќа просторот на природната реткост Пешти, па сè до вливот во Вардар, во должина од неколку километри. Тоа е простор со географска особеност, природна убавина, како и историско и културно значење. Узурпиран е од дивоградби, кои ги има повеќе од сто. Куќите кои се покрај реката или во нејзина близина се без вода и одвод, но со струја.
„Се узурпира природата, се уништува животната средина. Поединци длабоко влегоа во узурпација на просторот. Надвор од памет е да се оди на легализација на овие дивоградби, посебно со оправдување дека тоа се некои сиромашни слоеви на население“, кажа Стевче Дечев од ДОМ Велес.
П. ПЕЧКОВ