ВЕЛЕШАНИ ПИЈАТ ВИСОКОКВАЛИТЕТНА ВОДА, НО НЕ Е ДОСТАПНА ДО СИТЕ ГРАЃАНИ

    ВЕЛЕШАНИ ПИЈАТ ВИСОКОКВАЛИТЕТНА ВОДА, НО НЕ Е ДОСТАПНА ДО СИТЕ ГРАЃАНИОд ЈКП „Дервен“ велат дека 90 отсто од граѓаните добиваат вода од популарната „Филтерна“ изградена пред 30 години (Фото: СДК.МК)

    И покрај тоа што пред 30 години со самопридонес беше изградена фабриката за преработка на вода за Велес, и по толку време квалитетна вода не стигнува до домовите на сите граѓани. Директорот на ЈКП „Дервен“ објаснува дека 90 отсто од граѓаните добиваат од популарната „Филтерна“, а 10 отсто од препумпување.

    Ова беше кажано на одбележувањето на јубилејот три децении од изградбата на фабриката, со која градот и околината добиваат висококвалитетна вода за пиење. Но, во Велес, и по толку децении, има азбестно-цементни цевки преку кои се дистрибуира водата.

    „Се работи на изградба на водовод до селата Раштани и Бузалково, а деновиве започнуваме со изградба на водовод во месноста Речани, за околу 60 потрошувачи. Постојано вршиме реконструкција на водоводни линии и поголем дел се заменети. Годинава планираме да бидат променети четири-пет километри. Така би ги намалиле загубите на водата за пиење и би ги отстраниле овие стари цевки. Загубата досега ја намаливме од 60 на 48 отсто“, кажа директорот Тони Јовиќ.

    Градоначалникот Коцевски порача да не се запоставуваат постојните речни бунари, преку кои до пред 20-ина години Велес се снабдуваше со вода.

    „Поради негрижа во минатиот период, бунарите беа запоставени. Не знаеме какви времиња доаѓаат и што може да се случи. Во некоја несакана претпоставена ситуација, кога водата од ХС Лисиче нема да може да се користи, велешани треба да имаат алтернативен извор на вода за пиење, а тоа се тие речни бунари“, кажа Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира