Родителите на лицата со попреченост во Велес бараат нивните деца да добијат лични асистенти. За нив ова ќе биде олеснување и можност да имаат време и за себеси и за исполнување на домашните обврски. Ова прашање го актуeлизираа од Здружението на лица со церебрална парализа од Велес.
„Во општината има 20-30 лица кои имаат потреба од лични асистенти. Во Велес треба да се развие ваков сервис на локално ниво. Родителите бараат одмена бидејќи тие имаат обврски на работа, некои се веќе на возраст кога не можат толку да се вложат во грижата за нивните деца кои, пак, бараат ново друштво бидејќи се секојдневно со родителите“, вели Далиборка Златева, претседател на Здружение на лица со церебрална парализа – Велес.
Одговарајќи на барањето за лична асистенција на Здружението, министерката за труд и социјала Мила Царовска кажа дека такви лица има, но потребно е здружението да го координира проектот.
„Владата има програма за персонална асистенција. Секаде каде има потенцијал, да има организација која може да го имплементира, се пуштија персонални асистенти. Ако во Велес има организација која може да биде имплементатор, и да ги координира персоналните асистенти, имаме средства да ги воведеме и во Велес“, рече Царовска.
Градоначалникот на Велес Аце Коцевски вели дека во градот има две лица кои може да работат како лични асистенти.
„Како социјално општество мора да изнајдеме соодветна грижа за нив. Имаме еден обучен асистент со кој преговараме да се вклучи во проектот. Има и уште едно лице кое работи во Скопје, а сака да се врати во Велес. А имаме голем интерес“, вели Коцевски.
П. ПЕЧКОВ