ВЕЛЕШКИТЕ СТОПАНСТВЕНИЦИ СЕ ПОБУНИЈА ЗА ПОВИСОКАТА ЦЕНА ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НАЈАВИ НАМАЛУВАЊЕ

    ВЕЛЕШКИТЕ СТОПАНСТВЕНИЦИ СЕ ПОБУНИЈА ЗА ПОВИСОКАТА ЦЕНА ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НАЈАВИ НАМАЛУВАЊЕЗа тоа дали ќе има и корекција за цената за собирање на смет за граѓаните, Колев вели дека реакциите кај граѓаните не биле така силни, оти покачувањето било минимално. (Фото: СДК.МК)

    Бизнис секторот од Велес се мобилизирал откако стапија на сила новите повисоки цени за собирање смет. Тоа во пракса значи 10 до 20 пати повеќе пари, повисоки сметки отколку што плаќале претходно, кога ѓубрарината беше по метар кубен, а сега е по метар квадратен. Тие упатиле и писмо до градоначалникот Maрко Колев за да се намали цената, бидејќи со постојната се отежнува работењето на фирмите во градот.

    „ЈКП ‘Дервен’ се соочи со повисоки цени на струјата, повисока минимална плата, се зголемија цените на горивото, што силно се одрази на работа на претпријатието. Тие редовно ги плаќаат сметките за струја, а знаете дека деновиве неколку јавни претпријатија во земјава останаа без струја, а жителите без вода. Стопанствениците упатија две писма, првото за средба со мене за да си ги кажат маките. Неколку пати се видовме со нив и на наредната седница на Советот ќе излезам со корекција на цената. Чекам да ја видам нивната реакција по понудените цени. Се согласивме дека треба да има корекција надолу. Кога ќе ја прифатат цена што ја понудив, истата ќе ја предложам на Совет. Ако се прифати, тогаш разликата ќе треба да се плати од Општинскиот Буџет кон ЈКП ‘Дервен’. Но им посочив дека како што реагираат за оваа цена на ѓубрарината кон локалната власт, треба да го имаат и истиот аршин кон државата за другите повисоки сметки и покачувања“,  изјави градоначалникот на Општина Велес.

    Неодамна беше објавено дека велешката фабрика за шински возила „Колска“ месечно плаќа по 140.000 денари за собирање на смет поради огромната дворна површина, иако таму работат 70 лица со работни задачи кои се поврзани со ремонт на моментално 10 товарни и патнички вагони. Додека сметката за потрошена вода била само 2.000 денари. Претходно, за собирање смет „Колска“ плаќале месечно по 13.000 денари.

    На забелешката дали ќе има и корекција за цената за собирање смет за граѓаните, за кои исто така има повисока цена, градоначалникот одговори дека реакциите кај граѓаните не биле така силни, оти покачувањето било минимално.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира