Велосипедисти од битолската иницијатива „Битола на точак“ попладнево на плоштадот Магнолија со бели ленти обележаа простор колку што зафаќа еден шлепер и колку велосипеди можат да застанат на таа површина. Тие исто така со лентите ги обележаа и мртвите агли кои возачите на тешките товарни возила не ги гледаат, па претставуваат опасни зони кога минуваат низ центрот на Битола. Со ваквата симболика велосипедистите од Битола го претставија мотото „Сакаме европски велоград, а не за шлепери автопат“.
„Oбиколницата над Битола веќе година и пол е затворена, а за тоа време низ градот транзитираат тешки товарни возила, го отежнуваат и загрозуваат сообраќајот и го загадуваат воздухот. Решивме на симболичен начин да упатиме порака. Со малите ленти ги означуваме мртвите агли, односно просторот што возачите на тешките товарни возила не го гледаат. Во нивна непосредна близина може да се наоѓа велосипедист, пешак, дури и автомобил, а тие да не го водат. Тоа се зони на опасност“, рече Горан Стојановски од „Битола на точак“.
Обиколницата над Битола, по која треба да се движат тешки товарни возила кои транзитираат низ Битола, затворена е година и половина поради свлечишта. Бидејќи нема друг пат, тешките товарни возила мора да се движат низ Битола и тоа најчесто низ центарот.
Од претходната власт подолго време најавуваа дека проектот за санирање на свлечиштата на обиколницата е готов и ќе почне да се реализира, но наместо тоа, останаа сообраќајните знаци за забрането минување. Со доаѓањето на новата локална власт, последните недели започна санација на одроните, па се очекуваше патот да биде наскоро ставен во функција. Меѓутоа, деновиве се појави уште едно свлечиште. Од Општината велат се интервенира и на него и не очекуваат тоа за многу да го оддолжи пуштањето во употреба на обиколницата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА