ВЕВЧАНИ ПОЧНА СО УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕ, ВО СТРУГА НЕ СЕ УРИВА ОТИ НИКОЈ НЕ СЕ ЈАВУВА НА ТЕНДЕРИТЕ, ВО ОХРИД АКЦИЈАТА ЗАПРЕ СО ЕДНА УРНАТА КУЌА

    ВЕВЧАНИ ПОЧНА СО УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕ, ВО СТРУГА НЕ СЕ УРИВА ОТИ НИКОЈ НЕ СЕ ЈАВУВА НА ТЕНДЕРИТЕ, ВО ОХРИД АКЦИЈАТА ЗАПРЕ СО ЕДНА УРНАТА КУЌАВо Охрид од август акцијата стагнира,со издадено решение за уривање багерите срушија само една куќа, објект лоциран во близина на езерскиот брег, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници, кои бeа надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план; - Од уривањето на дивата плажа и шанкови кај Канео. (Фото: СДК.МК)

    Во Вевчани почна уривање на дивоградбите. Според решението од Градежниот инспекторат, во оваа Општина има 10 нелегални градби од 2013 досега, од кои пет се од времен карактер, огради, настрешници, скалила, додека останатите се цврста градба.

    Дел од дивоградбите граѓаните сами ги отстрануваат во договор со Општината и Комуналното претпријатие. За дивоизградените објекти кои се цврста градба се чека потпишување договор со фирмата избрана во постапката за јавна набавка.

    „Динамиката на рушењето ќе зависи од средствата. Во буџетот на Општината имаме предвидено 250.000 денари за оваа намена, но отстранувањето чини многу повеќе. На крај на година сме и не можеме да обезбедиме повеќе средства“, вели градоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски.

    Јанкоски најавува до следната година комплетно отстранување на сè што е изградено нелегално.

    Во Охридско-Струшкиот Регион, Општина Охрид прва започна со решавање на проблемот со дивоградбите во јули, но од август акцијата стагнира. Со издадено решение за уривање багерите срушија само една куќа, објект лоциран во близина на езерскиот брег, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници, кои бeа надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план (ГУП). Голем број нелегални градби, кои треба да бидат дел од акцијата на Охрид за чистење на градот од дивоградбите по препорака на УНЕСКО, останаа. Во општината има 1.076 дивоградби, а 406 се во заштитеното подрачје.

    Струга, пак, е пример за некотролирана и несоодветна урбанизација, но засега нема никакви активности за рушење на објектите кои излегле надвор од законски пропишаното, а нема ни податоци колку од нив треба да се срушат.

    Од Општината се правдаат дека активностите за рушење не се почнати бидејќи им пропаѓале тендерите затоа што со години ниту една фирма не се пријавувала во постапките.

    „По основ на барање на граѓаните за легализирање има околу 12.000 времени објекти и цврсти градби, но поголемиот дел од нив се објекти кои се изградени пред 30-40 години. Од нив, половината се одбиени поради непотполна документација. Имаме 3.000 легализирано. Уште ги немаме разгледано предметите кои ќе бидат опфатени со постапката за рушење. Неколку пати сме објавиле тендер за рушење, но никој не е јавен“, вели Натмир Меџипи, раководител на Одделението за урбанизам.

    Во најновиот план за управување со Светското и културно наследство во Охридскиот Регион до 2029 година, наведено е дека прекумерната и неконтролирана урбанизација негативно влијае врз зачувувањето на автентичноста на старите градски јадра на Охрид и Струга.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира