ВИНАРИИТЕ ДОЦНАТ СО ИСПЛАТАТА НА ПРЕДАДЕНОТО ГРОЗЈЕ, А ДЕЛ ОД ЛАНСКИОТ РОД ОСТАНА ПО ЛОЗЈАТА, ВЕЛАТ ЛОЗАРИТЕ

    ВИНАРИИТЕ ДОЦНАТ СО ИСПЛАТАТА НА ПРЕДАДЕНОТО ГРОЗЈЕ, А ДЕЛ ОД ЛАНСКИОТ РОД ОСТАНА ПО ЛОЗЈАТА, ВЕЛАТ ЛОЗАРИТЕДел од лозарите најавуваат намалување на површините што ќе ги работат. (Фото: СДК.МК)

    Лозарите на 14 февруари, кога се празнува Свети Трифун, ги закроија лозјата, започнаа со нивните активности годинава, но останаа наследените проблеми од лани. Не знаат колку од површните да работат, оти голем дел од ланскиот род останал на лозјата.

    „Деновиве се почнува со резидба на лозјето. Требаше да ги знаеме условите под кои ќе работиме годинава, откупна цена пред сè, која шеќерност ќе ја бараат, колкави количини планираат винариите. Свети Трифун помина, а не знаеме како да го кроиме лозјето, дали да го пуштаме за род или да го кроиме да нема род. Лани се откупија 72 милиони кила винско грозје, а остана 10-15 милиони килограми винско грозје по нивите, така скапа. Ние кроиме, копаме, работиме, ораме, а не знаеме родот кому ќе го продадеме. Затоа баравме средба со министерот за земјоделие, да имаме договорен откуп“, вели Дане Јованов, лозар, претседател на здружението „Тиквешки лозаро-овоштари“ од Кавадарци.

    Засега нема средба со министерот Николовски. Лозарите се жалат дека дел од винариите уште не го исплатиле предаденото грозје. За последната трета рата рокот е 30 април.

    „Исплатата многу касни, досега само еднаш ни исплатија пари. Втората рата требаше да се исплати минатата недела, а уште ја нема. Владата ни вети два денара по килограм грозје, ниту нив не ги добивме. Поради ваквиот однос, годинава 10 декари нема да ги работам. Не се исплатува, вложувам, а нема повраток на вложеното, ниту на трудот, ниту на средствата“, кажа Ванчо Дамјанов, лозар од Кавадарци.

    Лозарите реагираат дека лани објавената највисока цена за откупот на грозјето, во пракса откупувачите не ја почитувале.

    „Една цена беше договорена, по друга цена откупува поголемиот дел од винариите.  Околу 15 милиони кила смедеревка се откупи по цена од 10,5 денари, а 20 милиони кила вранец по 12 денари за кило. Имаше винарии кои откупуваа по 15 и 13 денари за вранец и смедеревка, ама тие беа малку. Ништо не излезе од договорената историски највисоката откупна цена. Затоа, баравме средба со министерот, винариите кои откупија по пониска цена да не добиваат од државата по два денара, туку да ни ги дадат нам тие пари, на лозарите, оти нам ни ги скратија“, додава Јованов.

    Регионот на Тиквеш е најголемиот производител на грозје во земјава, каде околу три илјади лозари живеат од оваа култура. Дел од нив најавуваат намалување на површините што ги работат.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира