ВЛАДАТА ДАВА ПАРИ ЗА 24-ЧАСОВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ДЕПОНИЈАТА ВО СТРУГА, ЗА ДА СЕ ИСКЛУЧАТ СОМНЕЖИТЕ ДЕКА НАМЕРНО СЕ ПАЛИ

    ВЛАДАТА ДАВА ПАРИ ЗА 24-ЧАСОВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ДЕПОНИЈАТА ВО СТРУГА, ЗА ДА СЕ ИСКЛУЧАТ СОМНЕЖИТЕ ДЕКА НАМЕРНО СЕ ПАЛИод Општина Струга ветиле дека за неколку дена ќе дојдат со предлог решенија како конечно да се санира депонијата, која секое лето во сред туристичка сезона гори. - И вчера гореше депонијата (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев најави дека Владата ќе и даде финансиска помош на Општина Струга за да ангажира 24 часовно обезбедување на депонијата, која цело лето гори и за што постојат сомневања дека некој нарочно ја пали.
    „На Општина Струга и ги понудивме сите механизми и капацитети да им помогнеме во решавање на проблемот. Има две сомневања за тоа зошто гори депонијата, едната е дека станува збор за палење, што се надевам дека не е така, а втората е дека се самозапалува од големата количина природни гасови. И понудивме на општината ако треба и финансиски да го помогнеме набљудувањето на депонијата со камери, како и да финасираме 24 часовно обезбедување, од луже што тие ќе ги определат. Владата стои комплетно на располагање да помогне да се реши проблемот, додека не се најде трајно решение“, рече Заев.

    Тој објасни дека од Општина Струга ветиле дека за неколку дена ќе дојдат со предлог решенија како конечно да се санира депонијата, која секое лето во сред туристичка сезона гори.
    Од Министерството за животна средина велат дека гасењето на опожарената депонија со вода и преку затрупување со земја не е решение, бидејќи тоа и сега се прави, но депонијата повторно гори. Според надлежните во министерството едно од краткорочните решенија би било отпадот да се селектира и балира, а по можност и да се дислоцира од таму, бидејќи во моментов на депонијата има голема количина метан кој настанува со гниење на отпадот.

    “Балирањето би било краткорочно решение. Долгорочно решение е да се изгради регионална депонија, како и капацитети кои од отпадот ќе произведуваат електрична енергија. Во моментов комисија од министерството прави анализа и за краткорочни и за долгорочни решенија на сите депонии во земјава и за кусо време ќе излеземе со решение. Очигледно е дека во случајот со струшката депонија, како и на многу други, дека локалната самоуправа нема капацитет да ја оддржува и да се справи со проблемот, затоа размислуваме и за краткорочно одземање на ингеренциите на општините во делот со депониите. Но, засега нема конечна одлука“, вели Јани Макрадули, заменик министер за животна средина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира