ВЛАДАТА НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ СЕ ГРАДИ ВТОРАТА ФАЗА ОД ЖИЧНИЦАТА ВО СКОПЈЕ, ОД КАПИШТЕЦ ДО СРЕДНО ВОДНО

    ВЛАДАТА НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ СЕ ГРАДИ ВТОРАТА ФАЗА ОД ЖИЧНИЦАТА ВО СКОПЈЕ, ОД КАПИШТЕЦ ДО СРЕДНО ВОДНОСпоред проект од времето кога премиер беше Никола груевски, прва станица на жичницата треба да биде кај црквата „Свети Јован“ во Капиштец, оттаму да застанува кај Детската болница „Козле“ и потоа да продолжува кон Средно Водно. (Фото: СДК.МК)

    Ќе се гради втората фаза на жичницата во Скопје, од Капиптец до Средно Водно. Владата најави дека ќе го продолжи овој проект за да може на планината Водно да се стигне без возила.

    „Сметаме дека овој проект е важен за градот Скопје. Жичницата секојдневно се користи од голем број домашни и странски гости и затоа сакаме целосно да го поврземе градот со Водно. Во наредниот период ќе се прават анализи односно ќе разгледаме што предвидувал претходниот проект, дали е потребно нешто да се корегира, па ќе излеземе со конечно решение во јавноста“, вели Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

    Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011. Жичницата ја градеше австриската фирма „Допелмаер“ и чинише 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.

    По изградбата на првата фаза беше најавено дека ќе се гради и втората фаза. Според тогашниот проект на Министерството за транспрот врски, се предвидуваше прва станица на жичницата да биде кај црквата „Свети Јован“ во Капиштец, оттаму да застанува кај Детската болница „Козле“ и потоа да продолжува кон Средно Водно и Милениумскиот крст.

    За овој проект имаше критики од стручната јавност дека е несоодветно жичницата да поминува над болницата каде деца се лекуваат од белодробни заболувања. Проблем беше и тоа што во Капиштец, каде е предвидена почетната станица, нема место за паркинг простор.

    Во 2015, тогашниот премиер Никола Груевски кажа дека Владата ќе одвои 8 милиони евра за втората фаза на жичницата, но тој проект не се реализира. По доаѓањето на СДСМ на власт во 2017, овој проект не се спомена односно не беше меѓу проектите на Владата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира